Снежана Милошеска повеќе од една година тропа на вратите на институциите и градежните компании брајќи решавање на проблемот со петкатницата што се гради на улицата “Богомилска“, која со мал дел од габаритот влегува како што тврди во нејзиниот приватен имот.
Откако тринаесет месеци добивала само ветувања кои никој не ги исполнува, Милошески решила правдата да ја побара на суд, а за случајот ја алармирала и државнта градежна инспекција. Милошеска обвинува дека зградата што на “Богомилска“ ја гради ГП Бетон, а како инвеститор се јавува и Јован Лотески, навлегува во нејзината парцела за што таа реагирала до надлежните инспекциски служби.
“Градежниот инспектор по контролата на 14.12.2005 година донесе решение за прекин на градбата. Тогаш зградата беше во фаза на тампонирање и беше донесено и решение за уривање на спорниот дел од зградата кој е изграден спротивно на ДУП, но и покрај сите забрани за градба не се презеде ништо од локалната самоуправа“, вели Милошеска.
Милошеска тврди дека изведувачот и инвеститорот и понудиле надомест за штета во висина од 6000 евра за срушената ограда на што таа се согласила, но до ден денес иако за тоа поседува писмен документ, парите, вели, не и се исплатени.
Бидејќи имав здравствени проблеми, а за кратко време ги загубив мајката и сопругот, барав само некако да се договориме спогодбено, зошто не сакав да одам по судови, но бидејќи до тоа не дојде, случајот го пријавив до надлежните институции во Скопје ангажирав адвокат и отворив постапка пред Основниот суд во Охрид, вели Милошеска.
Од фирмата која ги изведува градежните работи, Бетон, не беа достапни за коментар, а инвеститорот најави дека случајот брзо ќе биде решен.