Трилогијата „Хобит“ досега чинела 561 милион американски долари, двојно повеќе од сумата потрошена на трилогијата „Господар на прстените“.

Оваа бројка не ги вклучува натамошните трошоци на постпродукцијата која мора да ја минат двата други дела на трилогијата, кои се` уште не стигнаа во киносалите.

 

Според финансиските документи коишто беа објавени вчера на Нов Зеланд, каде што беа снимани филмовите, снимањето досега чинело 561 милиони долари. Во коносалите досега е прикажан само првиот филм „Хобит – необично патување“. 

Првиот филм во рамките на трилогија ја имаше премиерата на 13-ти декември, додека вториот дел се очекува во декември 2013 година. Завршетокот на трилогијата е планиран за летото 2014 година. Сите филмови ќе бидат направени во 3D и 2D технологија.

Филмот „Хобит“ е режиран од Питер Џексон. Новозеландскиот режисер ја сними трилогијата „Господар на прстените“, која освои 17 Оскари.

Хобитот го глуми Британецот Мартин Фриман, а во актерската екипа се и Кејт Бланшет, Ијан Мекелен, Елајџа Вуд и Орландо Блум.

Џексон го почна снимањето на филмот во март минатата 2011 година во Нов Зеланд. Се претпоставуваше дека за авантурите на Хобитот ќе бидат снимени два филма, меѓутоа Џексон подоцна изјави дека го започнал снимањето на третиот дел.

Во „Хобитот…”, се раскажува за почетокот на историјата, детално прикажана во франшизата „Господарот на прстените”. Хобитот Билбо Багинс, кој го живее животот на обичниот човек, заминува на необично патување. Соочувајќи се со многу тешкотии и пречки, тој учи многу за светот околу себе. Имено со „Хобитот” Џон Толкин дебитираше во литературата. Извонредно успешната книга произлезе од бајката, што авторот ја напишал за своите деца.

OhridNews
извор:„Макфакс“