Богот на фудбалот сурово го казни Охрид. Се играа последните мигови од дерби средбата од 17 коло во Втората лига,, Охрид повлече контра и кога сите ја видоа топката во голот од стативата таа се одби во поле, Вардар тргна во контра напад од кој постигна победоносен гол. Охрид – Вардар 0:1.

Двеилјадната публика виде малку од актерите на теренот. Битката беше главно во поле, со малку шанси пред двата гола.

Вардарци во првиот дел ја погодија пречката, Охриѓани во неколку наврати се обидоа со удари од далечина.

За одбележување е одличната атмосфера што на трибините ја создадоа “Рибари” и “Комити”, кои, за разлика од играчите, некако беа повеќе расположени.

Во следното коло, кое на програмата е на 4 март, Охрид му гостува на Кожуф во Гевгелија.

Г.М.