Триесетина вработени во охридските градинки, од почетокот на идната година остануваат на улица. Министерството за труд и социјала непосредно пред парламентарните избори, во месец март годинава им подели договори за привремно вработување до 31 декември.  Пет месеци подоцна управата на градинката “ Јасна Ристеска“, ги принудила да потпишат бланко- спогодби со кои се раскинуваат договорите за работа. Некои од нив одбиле да стават потпис на докуметот на кој немало печат од ресорното министерство ниту од скопската агенција “Декрет“, која  посредувала при  потпишувањето на сега неважечките  договорите за работа.   

Директорката на “Јасна Ристеска“ – Марина Петроска, која раководи со 5-те градинки во Охрид,  кажа  дека наводно министерот за финансии  писмено ја известил дека во државната каса нема пари за вработените. Министерството за финансии наводно очекувало дека локалната самоуправа ќе обезбеди пари за вработените во градинките, заради што и била дадена согласност на  екс министерот за труд и социјала – Љупчо Мешков да ги подели договорите за привремено вработување. Персоналот на гардинките кој 8 години работи со незаконска категорија -договор на дело, од државата не доби  ниту денар.

Локалните власти затечени, отворено кажуваат дека во општинскиот буџет нема пари за вработените во градинките. Изминативе месеци нивните плати ги покриле со средства од наменските дотации. Два и пол милиони од 3-те милиони денари кои ги добива општината до сега биле искористени за оваа намена , но со почетокот на грејната сезона тоа не ќе можат да го прават бидејќи и овие пари не стигнуваат да се плати  нафтата за огрев на градинките.

Министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами не сакајќи како што рече, да навлегува во детали, призна дека години назад државата  не  издвојува пари за  нови  вработувања  во градинките, а не ги плаќа ниту оние кои 8  години  извршуваат обврски без регулиран работен однос. Оправдувањата  на министерот не им даваат надеж дека нивниот проблем ќе се реши.

Ако министерот за труд и социјала Бајрами, не го исполни ветувањето дека  ќе се регулира нивниот статус , дел од  вработените лица во детските установи, од нова година ќе останат на улица, бидејќи локалната самоуправа повеќе нема моќ  за нив да издвојува пари од општинскиот буџет.

Росица Голабоска