Триесет и девет странски поети ќе учествуваат на 54-те Струшки вечери на поезијата, кои ќе се одржуваат во Струга од 26-ти до 31-ви август.

Од странските учесници ќе има познати имиња во современиот поетски свет кои доаѓаат од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија. Гости ќе бидaт неколку арапски поети, меѓу кои сириско-либанскиот поет со светска слава Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997.

На годинешната поетска манифестација учесници ќе бидат и поети добитници на значајни литературни награди, како Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, како и петмина поети од листата на меѓународната поетска платформа „Версополис“ во која учествуваат фестивали од 11 земји.

Мексико е годинава земја во фокусот и од таму ќе дојдат четворица поети. Ќе биде објавена Антологија на современата мексиканска поезија меѓу изданијата од едицијата „Плејади“.

–Фестивалот ќе понуди избор на одлична мешавина од најзначајните и веќе прочуени светски поети и оние кои веќе надоаѓаат на светската поетска сцена. Покрај поетите-учесници, гости на СВП ќе бидат и директори на поетски фестивали и претставници на издавачки асоцијации од Германија, Канада, Месико, Турција. Со тоа ќе овозможиме рецепција и на македонската поезија во светски рамки, рече директор на фестивалот Мите Стефоски, на денешната прес-конференција во Скопје.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга и таму ќе остане до 30 август, а на 31-ви месецов продолжува во Скопје каде ќе има две поетски читања – матине на Матка и кај Споменикот на гемиџиите на кејот кај Камениот мост. Од 23 август ќе има претфестивалска, неофицијална програма, во која ќе биде отворен Саем на книга и презентација на македонската книжевна продукција, како и преводни изданија.

Врачувањето на сите награди – „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ , Наградата за дебитантска поетска книга на млад странски автор  и на македонскиот поет кој ќе ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде, на затворањето на фестивалот во рамии на програмата „Мостови“.

Новина на годинешното издание ќе биде тоа што фестивалската атмосфера ќе се прошири низ цела Македонија. Тоа ќе се постигне со истовремени поетски настани на 27 август низ нејколку градови во Македонија. Нова локација за читање поезија ќе има и во Охрид –  кај споменикот на Св. Климент.

Директорот Стефоски најави уште една новина за која СВП дополнително ќе информира, а тоа е  зимски поетски фестивал од 1-ви до 6-ти декември со четворица поканети поети.

OhridNews

Извор: „МИА“