Успешната приказна на фирмата „Ентер“ која долго време важи за најголем македонски производител на деловен (ERP) софтвер започнува пред точно триесет години во Охрид.
Создадена е како содружничка компанија, одлука која во тоа време предизвикува симпатии, но и доза на скепса во едно поднебје во кое доминираат фирми во индивидуална или семејна сопственост. Но, токму тоа содружништво кое низ годините се менуваше и реформираше на уникатен начин ѝ ја даде на компанијата неопходната виталност и способност да одговори на сите надворешни и внатрешни предизвици и не само да се одржи, туку и да го развие и постојано да го унапредува своето работење.
Она што го одбележува работењето на Ентер за целиот овој период е техничката супериорност и визионерски пристап во развојот на своите производи, како и врвната експертиза и големата посветеност при нивното имплементирање и одржување. Компанијата во многу сегменти е или пионер, или водечка или единствена во државата и тоа го покажа уште со нивниот прв производ, сметководствениот пакет Visual Accounting, кој беше првиот македонски софтвер што проработи на тогаш новиот Windows оперативен систем.
Во меѓувреме, согледувајќи дека претстои период на масовно информатичко описменување, особено кај младите, донесена е одлука за отворање на школа за компјутери и за странски јазици. Школата набрзо прераснува во најголемо македонско училиште од ваков вид и во периодот кога пристапот на интернет беше крајно ограничен, а само мал дел од семејствата имаа домашни компјутери, значително придонесе во стекнувањето на ИТ и јазични вештини кај илјадници ученици, од кои некои денес се универзитетски професори, ИТ експерти, доктори, инженери и успешни менаџери.
Паралелно, фирмата продолжи да изработува и други софтвери, па така останува запишано и дека Ентер е автор и на првиот македонски интегриран болнички информационен систем кој уште во 1998 година е активиран во ЈЗУ Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид.
Следниот голем чекор напред беше развојот на Cyber Monitor – тоа е првиот македонски софтвер што е извезуван преку интернет. Наменет беше за тогаш популарните интернет кафеа и продаден е во над 70 земји во светот, а куриозитет е и фактот што дел од купувачите на овој софтвер беа и тренинг центарот на чикашката полиција, неколку американски воени бази во Јапонија и хотелот Плаза на Беверли Хилс.
Во меѓувреме, откако се потврди дека сепак најголемата специјалност на Ентер лежи во развојот на деловни софтверски решенија, се донесоа серија одлуки во таа насока. Се воведе брендот Luca Business Software Solutions (Luca BSS), како заедничка платформа за неколку типови деловни софтвери: ERP (Enterprise Resource Planning), DMS (Document Management System), E-commerce, Billing, E-Payment, Sales Force Automation итн и со нив почнува и присуството на пазарите на Западен Балкан. Јадрото на Luca BSS е ERP системот кој во меѓувреме е надградуван неколку пати и функционира и како веб базирана и како клиент- сервер верзија. Тој е најкористениот македонски софтвер од страна на големите фирми и институции во јавниот и приватниот сектор во државата, а се извезува и во Србија, Косово, Црна Гора и Албанија.
Во 2007 година друштвото отвора свое претставништво во Скопје и во моментов Ентер е позициониран и во Охрид и во Скопје.
На двете локации работат 30-тина вработени, развојот на софтвер е во Охрид, додека продажбата и имплементацијата ја води скопскиот оддел.
Во 2013 година Ентер се стекна и оттогаш редовно ги обновува престижните ISO сертификати: ISO 9001, ISO 20000 и ISO 27001. Последните години, дел од ресурсите на фирмата, оние поискусните, се активни и во обезбедувањето на висококвалитетен IT консалтинг на проекти од Светска Банка, Европска Унија и други меѓународни институции.
Фирмата е партнер и на неколку странски и домашни компании со кои заедно учествуваат на проектите во земјава и во регионот.
На технички план, Ентер е една од ретките компании која неколку години наназад користи автоматизирана алатка за развој на софтвер и е единствената која истата ја има креирано како сопствен производ. Тоа е Luca Framework алатката која функционира како код генератор, во состојба е да ја заменува мануелната работа на значителен број програмери и во исто време да обезбеди автоматизирано, безбедно и квалитетно програмирање, целосно ослободено од човечки грешки. Со тоа директно ја зголемува продуктивноста и му овозможува на Ентер да реализира сложени проекти со куси рокови на имплементација.
Во однос на јадрените софтвери кои се дел од Luca BSS, главните напори се концентрирани во два правци: прво – во промовирањето на напредни технологии, со цел Luca BSS како и Ентер во целина да станат референтна точка во оваа област, и второ – во креирањето на ефикасни, автоматизирани, лесно прилагодливи секторски решенија кои ќе ја помогнат дигиталната трансформација на компаниите и институциите и ќе ги поддржат нивниот одржлив раст и конкурентност.
Што се однесува до организацискиот развој, Ентер во моментов презема активности за отворање на претставништва во регионот, додека централниот фокус во кадровската политика е насочен кон проширувањето и освежувањето на тимовите со вработување на програмери и имплементатори кои ќе продолжат да ги унапредуваат тековните решенија, но и ќе отвораат нови перспективи во развојот на нови, интелигентни, автоматизирани деловни софтвери.
Како и секој сериозен субјект кој издржал на пазарот 30 години, Ентер се подготвува и за периодот што доаѓа, посебно во однос на перспективите што се отвораат со користењето на вештачката интелигенција, машинското учење и другите прогресивни технолошки алатки.
30 годишниот јубилеј фирмата „Ентер“ го прослави во кафе барот на плажата „Кадмо“ во присутво на бројни пријатели, соработници и деловни партнери.
Фото галерија:
Триесет години „Ентер“: Техничка супериорност и визионерски пристап во развојот на своите производи
OhridNews
фото. Б. Стојаноски