На денешен ден пред 30 години, во старата семејна куќа на влезот од охридската чаршија, беше отворено Уметничкото ателје и галерија „Упевче“. Тука се изложени дела на академскиот сликар Славко Упевче, кој твори повеќе од половина век, како и дела и мозаици на неговиот син Никола Упевче, исто така дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Познатиот уметник Славко Упевче во богатата кариера има реализирано 35 независни изложби во земјата и странство, како и бројни групни изложби. Тој е хроничар на Охрид, кој е главен мотив во неговите надалеку познати дела. Сликите на Славко Упевче се своевиден времеплов – чувари на спомените на градот кој забрзано се менува. Денес тие можат да се најдат на повеќе континенти.
Никола Упевче изложува самостојно од 2002 година. Реализирал бројни проекти на современи мозаици и конзерваторски и реставраторски третмани на антички мозаици во земјата и странство, како и бројни групни изложби. Паралелно со овие проекти, Никола од 2006 до 2018 година работеше на грандиозниот мозаик “Мапа на Охрид“, базиран на апликацијата Google maps, кој нуди поглед на градот од птичја перспектива и ја содржи целокупната инфраструктиура на стариот дел на градот опкружен од Охридското Езеро, која постои во реалноста.
Уметничкото ателје и галерија „Упевче“, открива волшебни светови соткаени во делата на двајца врвни охридски уметници. Тука изминатите три децении излагале и бројни други уметници од земјава и опкружувањето, што ова уникатно место во срцето на Охрид го прави посебно.
Г.Момироски