Со контролниот натпревар на „Филип Втори“ против селекцијата на Летонија македонската фудбалска репрезентација ќе означи нов почеток. Во отсуство на Горан Пандев и Николче Новески предводници на „новата“ селекција ќе бидат Агим Ибраими и Иван Тричковски.
– Мора да го оставиме сето тоа што се случуваше пред и за време на дуелот со Србија зад нас. Нема потреба да се враќаме на минатото. Ова е еден нов почеток. Потребно ни е на сите нас, заедно со репрезентацијата да биде и целата фудбалска јавност, медиумите, навивачите. Потребна ни е поддршка буквално од секого. Веруваме дека уште утре на дуелот со Летонија ќе демонстрираме и квалитетот во игра, ќе видиме сите ние до каде сме, натпревар кој во секој случај ќе ни биде добра проверка за моменталната форма – рече Иван Тричковски.
Двата нови лидери на селекцијата викендов што изминаа беа стрелци на погодоци за нивните екипи во националните првенства.
Мх.П.