Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на трибина што се одржа вечерва во Охрид ја претстави платформата „Визијата за Македонија“, која, како што најавија од најголемата опозициска партија, треба да прерасне во политичка програма, во која ќе бидат вметнати идеите на граѓаните кои ќе придонесат за подобра иднина на земјата.

-СДСМ и опозцијата се убедени дека промените во Македонија доаѓаат, но тие не треба да се случат сами по себе или само заради да се случат. Граѓаните треба да ја знаат иднината којашто ја трасираме заедно со нив. Дојдени сме овде по памет, сугестии, корекции и забелешки за „Визијата за Македонија“ бидејќи ние не сме ниту најпаметните, ниту најголеми професионалци, а темите за кои разговараме се исклучително важни и допираат до сите граѓани. Многу што имаме да чуеме од нив и веќе слушаме цела оваа седмица низ Македонија, а тука на трибината во Охрид гледам доста интелектуалци, луѓе кои се грижат за својата татковина и за иднината на Македонија. – изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека во „Визијата за Македонија“ Охрид зазема посебно место, затоа што, како што рече, тој не им припаѓа само на охриѓани, туку на сите граѓани. Тој смета дека Охрид изминатите девет и пол години бил уназаден и унаказен.

-Не е само тоа што беше со Субрата Рој, туку и развојот на Охрид, традицијата, заштитата од УНЕСКО. Охрид е наше богатство и гордост и мораме да прецизираме конкретни мерки, решенија и правци за иднината кои секако ќе бидат највнимателно извлечени од охриѓани, кои знаат најдобро што му треба на Охрид. – додаде Заев.

Пред присутните се обрати и претседателот на општинската организација на СДСМ и пратеник Томислав Тунтев. Тој истакна дека целта на борбата што ја води СДСМ е враќање на слободата и демократијата во земјата.

-Проектот „Вистината за Македонија“ ни покажа во каква узурпирана и криминализирана држава живееме и ни растат нашите деца. Со проектот „Визијата за Македонија“ ќе им покажеме на сите граѓани во Република Македонија дека иднината и на нашите деца и на сите нас е во овие 5 столба на овој проект кои ги претставуваме сите заедно истовремено.- истакна Тунтев.

Рената Тренеска Дескоска, претседател на партиската комисија за правда ја образложи визијата на СДСМ за концептот на одговорна и отчетна власт.

Зошто одговорна и отчетна власт? Заради тоа што го гледавме, а потоа и го слушнавме од устите на владејачките гарнитури дека во Македонија владее башибозук и крајно неодговорна власт која успеваше да ги одлее народните пари во своите џебови и не се грижи за граѓанските туку за своите интереси и дека на таквото владеење треба да одговориме со концепти кој значи одговорност во трошењето на народните пари, одговорност во однесувањето на оние коишто ќе ја вршат власта. – рече Тренеска Дескоска.

Пред охриѓани се обрати и членот на партиската комисија за правда на СДСМ Мирослав Вујиќ. Тој се осврна на состојбите во областа на владеењето на правото во државата, посочувајќи дека е неопходна поголема контрола врз власта.

-Мора да има силна контрола врз власта, не зборувам за идната власт туку на секоја наредна. Власта може да се контролира само со непартизирано судство и полиција. – рече Вујиќ.

На трибината што се одржа во хотелот „Ривиера“ присуствуваа членови и симпатизери на СДСМ и граѓани, кои со раководството на партијата дебатираа за понудената платформа на партијата наречена „Визија за Македонија“.

OhridNews