На овие избори СДСМ ја прави најголемата, најразнолика, најмодерна коалиција која што се надоврзува на она што го направивме во 2020 преку коалицијата „Можеме“ порача генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на трибината „Најдоброто за нашата општина“, што се одржа синоќа под отворено небо во центарот на Охрид.
Ќе продолжиме со средбите, со контактите со граѓаните, во следните 20 дена ќе ја посетиме секоја куќа, ќе разговараме со секој граѓанин, ќе ги прашаме за нивните приоритети, за она што треба да влезе во нашата програма во нашата кадровска понуда, посочи Николовски.
Генералниот секретар истакна дека големиот интерес и број на поднесени кандидатури за градоначалници и советници говори дека СДСМ е фаворит на овие избори, а тоа се потврдува и со анкетите на јавното мислење
Наскоро завршува рокот за кандидатурите, досега имаме над 560 кандидати за градоначалници и над 5.000 кандидати за советници. СДСМ е отворена демократска партија која дава шанса за секој. Објавивме оглас за кандидат за градоначалник каде нема услов да бидете член на СДСМ, оглас на кои побаравме од секој кандидат да достави и програма каде е разработена визијата за развој на општината. На 13 јули ќе ги објавиме првите 20 кандидати за градоначалници кои ќе победат во сите 20 општини за кои се кандидирани. Во текот на летото, во фази, ќе ги објавиме останатите кандидати за сите општини. Анкетите покажуваат силна доверба на граѓаните во нашите политики, во нашите програми и кандидати, затоа внимателно ги селектираме сите оние кандидати кои ќе аплицираат, ќе правиме истражувања и ќе го прашаме и членството. А во меѓувреме СДСМ ќе продолжи да биде меѓу граѓаните, да ги следи нивните приоритети и заедно да ги правиме програмите“ заклучи Николовски.
На трибината пред членовите на СДСМ се обрати актуелниот градоначалник на Охрид, и се поизвесно, кандидат за нов мандат на претстојните избори, Константин Георгиески. Тој рече дека Локалната власт предводена од СДСМ е целосно посветена на важноста на инфраструктурата како основа за подобрување на квалитетот на урбаното живеење. И покрај актуелната здравствена криза, континуирано и според предвидената динамика се реализираат сите зацртани проекти, истакна Георгиески.
Тој нагласи дека во изминатите неколку години се реализирани број проекти, издвојувајќи ја реконструкција на улиците и реновирањето на средните и основните училиштата во општина Охрид.
Го реконструиравме влезот во градот од страната на Ресен, ја завршуваме улицата Абаз Емин која со години беше игнорирана, таму за десет дена ќе ја завршиме реконструкцијата“, рече Георгиески.
Георгиески рече дека дека изминатите две години со силна посветеност се исполнуваат препораките на УНЕСКО.
Посебно сум горд што успеавме да го имплементираме владеењето на правото во целост, затоа што реализирањето на препораките на УНЕСКО е дел од владината агенда Европа дома и порано или подоцна тоа мора да се заврши, меѓутоа ние сме такви и ќе го реализираме тоа порано а не подоцна. порача Георгиевски.
За плажите рече дека оваа година за прв пат по долги години ќе се користат слободно од сите граѓани и туристи кои ќе летуваат покрај нашето преубаво Охридско Езеро, а наскоро ќе се предвидат локации каде може да се стопанисува со плажите, ќе имаат и типизирани шанкови, без да биде дозволена дополнителна узурпација.
Работиме одговорно и домаќински, со темелен пристап и голема упорност, остануваме посветени и продолжуваме да инвестираме во современ урбан развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок, порача градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, на трибината на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“.
На трибината се обрати и министерот за здравство и потпретседател на партијата Венко Филипче, кој рече дека општеството е соочено со еден голем предизвик а тоа е масовната вакцинација. Апелирам сите да се вакцинирате, потребна ние е здрава нација, здрави граѓани, потребно ни е здравството да може да се занимава со други работи, освен со пандемијата, истакна во Охрид на трибината на СДСМ потпретседателот на СДСМ Венко Филипче.
Тој нагласи дека се потребни инвестиции во туризам, земјоделство, ИТ систем, во градење на силна економија, која може да ја издржи секоја криза.
Така ќе продолжиме по патот на осовременува на нашата држава, за младите тука да ја гледаат својата иднина, нагласи Филипче.
Одговарајќи на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за наводни предавства, филипче подвлче дека патриотизам е силно здравство, силно правосудство, силно образование, силна економија, а нашиот јазик и нашата историја не се на продажба.
OhridNews