Не верувајте во секоја реклама и понуда, внимателно размислете пред да се одлучите да купите нешто, навремено информирајте се за производите и услугите, читајте ги декларациите и начинот на употреба, проверете што купувате… Ова се само дел од советите што ги добија младите студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид (ФТУ) на трибината за правата на потрошувачите, што во организација на Организацијата на потрошувачи на Охрид, се одржа вчера во амфитеатарот на ФТУ.
Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи од Охрид, ја презентираше брошурата за правата на потрошувачи, додека проф. д-р Ристо Речкоски се осврна на Законот за заштита на потрошувачите.
Најголемиот број од поплаките на потрошувачите и натаму се однесуваат на неисполнување на правото за замена на технички производи со недостаток и на неквалитетни производи кои брзо се расипуваат. Тие се жалат и на континуирано сервисирање на еден ист производ повеќе од три пати, додека производот е под гаранција, како и тоа дека продавачите често одбиваат да ги заменат нефунционалните технички производи со нови, иако законот и условите во гаранцијата ги обврзуваат на тоа.
Како што беше истакнато на трибината, потрошувачите често грешат при прием на пратки од пошта и слични сервиси, бидејќи ја потврдуваат нарачката пред истата да ја проверат.
-Сè повеќе се случува потрошувачите да пријават дека им е доставен механички оштетен производ. При доставата на производот, додека тој сè уште е спакуван во оригиналната фолија односно кутија, тие потпишуваат дека го примиле производот не знаејќи дека е оштетен, но всушност со тој потпис потврдуваат дека производот е добиен во исправна состојба, без оштетувања. – предупредува Организацијата на потрошувачи.
Во последно време расте бројот на поплаки на потрошувачите кои се однесуваа на брзите кредити кои ги нудат финансиските друштва со огромна каматна стапка, што беше причина Организацијата на потрошувачи до Министерството за финансии да поднесе иницијатива за измени на регулативата во оваа област, за ограничување на каматите на максимум 50 проценти од основицата на кредитот.
Целта на ваквите трибини е пошироката јавност да се запознае со потрошувачките права, каде да се обрати во случај на повреда на истите, кои се институциите, инспекциските служби и регулаторни тела каде можат да се обратат во случај на прекршување и што предвидува законот во такви случаи.
Г.М.