Во изминатата 2008 година на подрачјето на Македонија беа регистрирани 36 убиства, а за одбележување беше што за разлика од минатите години не беа регистрирани повеќекратни убиства. Најголем дел од убиствата се извршени на подрачјето на Скопје (13), Гостивар (6), Куманово (3), Тетово (3), Охрид (3), Прилеп (3), Велес (2) и по едно во Битола, Кичево и Свети Николе. Преземањето засилени мерки и активности на полицијата во разрешување на овие дела од најтежок вид, резултираше со забележителни резултати, при што беа расветлени и целосно документирани 32 дела, со што е постигната висока ефикасност од 89%.
За расветлените кривични дела поднесени се кривични пријави против 36 сторители, од кои 34 се машки а само 2 се женски лица. Од презентираните податоци евидентно е дека жените многу поретко се јавуваат како сторители на овие кривични дела, односно во еден случај се работи за убиство на дете при пораѓање, а во другиот 21-годишна девојка од Куманово, по претходна расправија, со нож лишила од живот лице со кое претходно била во љубовна врска.
Од анализата на сторителите според нивната возраст, најголем број, 16, се на возраст од 35 до 50 години, 13-мина се на возраст од 18 до 35 години, 7-мина се на возраст над 50 години од кои најстариот имал 68 години. Најмлад сторител на убиство во 2008 година е малолетник на возраст од 16 години, кој од користољубие со метална шипка лишил од живот 49-годишно лице.
Од анализа на жртвите според полот, 27 жртви се од машки пол, а 9 жртви од женски. Според старосната структура, најголем број се во категоријата над 35 години, 8-мина се на возраст од 18 до 35 години, а во по еден случај жртви се 14-годишно девојче кое било отруено со отров „метонил“ и едно новороденче.
Според употребените средства, најмногу убиства во изминатиов период се извршени со огнено оружје – 17, потоа во 10 случаи било употребено ладно оружје (ножеви, секири, чекан, стап, остар предмет, шипка…), во 4 случаи жртвите се лишени од живот со употреба на тврд погоден предмет, во 2 случаи со давење, а во по еден случај жртвата е отруена со отров, со опожарување и чедоморство.
Според местото на извршување најголемиот број од убиствата 19 се извршени на отворен простор. Потоа, 7 во куќи, 4 во дворови на куќи, по 2 во угостителски објекти и деловни простории и по едно во сендвичарница и продавница.
Што се однесува до мотивите, во најголем број случаи се работи за претходни расправии и тепачки – 10, нарушени брачни односи – 8, прекинување на љубовни врски – 4, по едно од користољубие, паричен долг, невнимание, несакана бременост, а во останатите сеуште се работи на утврдување на мотивот за нивно извршување.
Во 2008 година беа регистрирани и две убиства на полициски службеници.
Инаку во овој период беше расветлено беше расветлено убиството на еден дилер на девизи извршено пред неполни две години.
извор:МВР