Реномираниот американски весник The New York Times годинава освои три Пулицерови награди кои се доделуваат за 14 новинарски и 7 уметнички категории, и тоа во категориите на истражувачко новинарство, известување за настани од светот и за фотографија. 

Признанието за истражувачко новинарство The New York Times го доби за истражувањето за влијанието на лобистите врз конгресмените и државните обвинители во сојузните држави на САД, а другите две за серијата текстови и фоторепортажи за епидемијата на ебола во западна Африка.

Две награди му припаднаа на The Los Angeles Times, од кои едната за репортажа за последиците од сушата во Калифорнија, а The Washington Post доби една за сторијата за скандалите во тајните служби.

Наградени се и весниците The Post и Courier од Чарлстон за серијата написи за насилствата врз жените во семејствата под насловот „Додека смртта не нé раздвои“, како и Post Dispatch од Сент Луис за фотографиите од безредијата во предградието Феругсон по минатогодишното полициско убиство на црниот невооружен тинејџер Мајкл Браун.

Пулицеровите награди коишто секоја година ги доделува Универзитетот Коламбија претставуваат признанија за вонредни достигнувања во американското новинарство, книжевност, драма, белетристика, публицистика и други категории.

OhridNews

Извор:„Макфакс“