Никогаш не помислив дека ќе седнам да напишам пофални зборови за јавното здравство во нашава земја. Никогаш не помислив дека во моментот кога ќе ми треба причина да верувам дека доброто сепак постои, причината ќе е некоја јавна здравствена установа или уште помалку нејзините членови. Еве ме токму со таков ниет да раскажам за се што не мислев…

Мојата приказна почнува како 99% од тажните приказни на ова време – добиваш дијагноза и голготата е загарантирана. Без оглед на сериозноста на случајот патот е ист: ако ќесенцето ти е тенко да одиш во приватниве клиники, тогаш обавезно на постоечката дијагноза, пробувајќи да ја елиминираш, добиваш уште минимум три (покачен крвен притисок, нервно растројство и една по избор – стомачен вирус, грип, попуштени вени…) За да е така ќе се погрижат сите вработени на шалтерите, целиот медицински персонал шо е пишман и го колне денот како да е нивна маката, а наша платата, дури и ценетите хигиеничарки што будно следат да не стапниш на (ѓомити) бришаното па да ти се пуштат ко на вратот да им имаш стапнато, со што ке привлечиш големо внимание кај другите маченици што чекаат по ходници. Може ќе го јадиш срамот, ама ќе служиш за пример како НЕ треба, па сите после тебе ќе куцаат на една нога и ќе прескокнуваат што е можно повеќе од “бришаната” површина, за да не ги снајди истото.

Одма првиот ден ти е јасно дека во таков хаос, мора да се бара некој познат. Свесен си дека ќе липсаш на некој шалтер од срцев удар, а тргнат си да лечиш бубрег. И веќе влегуваш во заплетот на драмското дејство: мајка, тетка, другарка, колега… фрчат телефони, секој со некој е близок само не може да го добие, не крева, не е достапен… Совети од алтернативна медицина, бајачки, молитви, свашта… а боли ова, не поминува, си бара доктор…

Како ретко кога, без и да сум свесна за тоа, мојот к’смет се разбуди, се ококори можам да речам, сериозно си ја сфати улогата, стори што стори и јас за рекордно време бев хоспитализирана на одделот за Урологија при Општата болница во Охрид. Тука всушност почнува среќниот дел од приказната што започна тажно. Тука е пресвртот. Оттука почна да ми се враќа вербата дека не е се така црно и дека постојат луѓе шо покрај стручноста во својата област, поседуваат и морални вредности. Тие се луѓе – доктори, сестри и болничари а не Баба Роги и шерифи како што грото од нив ги доживуваме со право.

Наспроти очекувањата да ме легнат во раскостен кревет со валкана постелнина (какви што имам многу во животов сретнато), овде светеше од чистота. Болничарките беа така љубезни што почнав да замилсувам дека сум во приватна клиника. Сестрите неверојатно трпеливи и замислете насмеани. Докторите нормални, вистински раритет. Достапни да ги прашаш, волни да ти објаснат без да трчаш по нив по ходници, а тие да глумат дека некаде многу брзаат. До толку нормални па ти даваат и број на телефон. Премногу шок за пациент шо веќе кркал болнички попари и дошол спремен со надеж Господ да му помогне. И гледај покрај Господ имаш потполно право да веруваш дека овие ликови навистина сакаат, можат и знаат да ти помогнат, без попатно да те изреметат и да лечат било каков комплекс на тебе.

Првичниот впечаток, продолжи да се докажува како точен секој нареден ден од болничкиот престој. Си шептевме тивко со цимерката дека “ова не е нормално… ова никаде го немам видено” … Другари, нас толку не сакателе што мислиме дека не е нормално да не третират нормално. Нас не кандисале дека не е нормално да не доживејш траума при престој во државна болница, па без разлика колку тој престој бил краток или долг. Овој народец толку навикнал на лошо, па доброто како опција е избришано од очекувањата воопшто.

Многу сакам да ви доближам како ова позитивно искуство влијаеше на мене, иако стуткана од резот излегов оттаму полетна и полна со ентузијазам дека може да е поарно, може да е супер…може ако се сака. Ако може на Урологија во Охрид, зошто не би можело секаде? Кога кормилото е во вистински раце, бродот плови успешно, екипажот е исполнителен, а патниците спокојни… „Убио ме оптимизам“, ама верувам дека и ветрот е поволен – овој брод далеку ќе доплови, ќе биде позитивен пример, ќе биде пријатно сеќавање на секој негов патник кој гледајќи ја лузната, ќе се присети дека еднаш бил третиран пристојно на место каде што тоа не го очекувал.

Ајде да го направиме ова парче земја подобро место за живеење… Некој веќе почнал и одлично му оди, значи може…значи успева, јас сум сведок…. еден огромно благодарен сведок.

Марика од Битола


*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите