Со петтиот финале Куп, заврши натпреварувачката сезона во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма. На овај Куп право на учество имаa само првопласираните десет од изминатите купови во категорија жени и мажи на пушка и пиштол. Од охридските стрелци настапија 12 учесници и тоа 7 од ЖСК „Лихнидос“ и 5 од СК „Охрид“. Иако очекувањата беа поголеми, со медали се закитија само тројца стрелци.
Злато освои Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ во дисциплината воздушен пиштол. Тој со резултат од 544 кругови и трета позиција во квалификациите, по финалниот дел успеа да се пласира на првата позиција со резултат од 229,3 кругови. Втор беше неговиот клупски колега Ванчо Каранфилов На младиот Иван Милевски од СК „Охрид“, овојпат не му се насмевна среќата да застане на пиедесталот, па натпревартот го заврши како 4-то пласиран со резултат од 182,3 кругови. Во финалето учествуваше и Даниел Михајловиќ.
Кај жените на пиштол Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“ го освои 5 место, додека Наталија Савеска заврши на 6-тата позиција. Стефани Савеска мораше да се задоволи со 8-мата позиција.
Во финалето кај сениорите и сениорките на пиштол единствено пласман не обезбедија само Велибор Балоски и Валентина Гоџоска кои завршија на 9-тата позиција.
Кај жените на пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ по квалификациите во кои со резултат од 589,6 круга влезе како 6-то пласирана, во финалето направи огромен пресврт и се искачи на втората позиција со резултат од 241,0 кругови, заостанувајќи зад првопласираната само 3,7 круга. И Теодора Спироска од СК „Охрид“ која во квалификациите влезе како осмопласирана со резултат од 583,4 кругови, во финалето се искачи на 5-тата позиција со резултат од 177,1 кругови.
Кристијан Балоски не успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите, па натпреварувањето го заврши како 6-то односно 7-мо пласиран со резултати од 595 круга односно 136,3.
Трендот на опаѓање на спортската форма и послаби резултати и овај пат се чувствуваше кај одредени стрелци во двете конкуренции информираат охридските стрелачки клубови.
По мала пауза, веќе од понеделник, охридските стрелци ќе ги започнат подготовките за учество на меѓународниот натпревар „Нови олимписки надежи’’, кој треба да се одржи кон крајот на наредниот месец во Софија, Р. Бугарија.
OhridNews