Училиштата во селата Белчишта и Мешеишта и зградата на локалната самоуправа, добија дозвола за употреба на фотоволтаични системи за производство на електрична енергија.
Решенијата за употреба на фотоволтаичните системи им беа врачени на градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески и на директорката на ОУ „Дебрца“ во село Белчишта, Билјана Славевска.
Сега за тие објекти преку искористување на соларната енергија сами си ја произведуваме струјата. Вчера директорот на АЕРСМ, Нехри Емрула, ни ги предаде решенијата, согласно предвидените правилници. Моментално договорот е таков што вишокот произведена електрична енергија оди во системот, што не значи дека можеби во иднина би добиле и поврат на дел од тие средства што би се искористиле за други потреби, можеби за инвестиции за поставување такви системи на други објекти. – вели градоначалникот Ногачески.
Проектот се реализира преку Министерството за финансии со грант средства од Европската комисија во рамките на ИПА фондот за рурални инвестиции на Европската комисија за реконструкција и развој. Засега за секоја општина од Југозападниот регион се предвидени по три системи за производство на електрична енергија од фотоволтаични системи.
OhridNews
Фото: Илустрација