Три лица загинаа, а осум се повредени во синоќешната тешка сообраќајната несреќа што се случи на патниот правец Кичево-Гостивар.
Според информациите на портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, вчера во 20:55 часот, во ОВР Кичево е пријавено дека се случила сообраќајна незгода на патот Кичево-Гостивар, помеѓу Кичево и селото Трапчин Дол во која учествувале три возила.
Според првичните информации три лица починале како последица на добиените повреди, а осум лица се повредени. Дел од нив се пренесени во болницата во Кичево, дел во Клинички центар Мајка Тереза во Скопје, вели Димоски.
Поради сообраќајната незгода сообраќајот на овој патен правец беше во прекин.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека ивршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Со цел утврдување на причините за несреќата подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол или други супстанции кај повредените, посочуваат.
По насоки на јавниот обвинител, велат, продолжуваат да се преземаат и други дејствија.
OhridNews