Европската Комисија (ЕК) им исплати однапред 3,5 милијарди евра на земјите-членки кои примаат бегалци од Украина за да им помогнат да се справат со притисокот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова, како што наведе ЕК се прави во знак на солидарност. Еврокомесарката за кохезија, Елиса Фереира, порача дека овој чекор се прави преку мобилизирање на фондовите за кохезија на ЕУ и се насочуваат каде што се најпотребни.
Со овие средства исплатени однапред земјите-членки на ЕУ ќе можат на бегалците да им обезбедат храна, стан, здравствено осигурување, образование и пристап до работни места, изјави еврокомесарот за труд и социјала, Николас Шмит.
Најмногу пари добија земјите од Источна Европа и соседите на Украина, Полска добива над 560 милиони евра, Естонија повеќе од 430 милиони, Словачка речиси 210 милиони евра, а значителна сума добива и Италија со над 452 милиони евра. Најмалку добиваат Малта, Кипар, Финска и Луксембург.
OhridNews