По повод тригодишнината од упокојувањето на истакнатиот македонски историчар на уметност и археолог, мојот татко, Гоце Жура, би сакала да го посветам овој текст на неговиот лик и дело, осврнувајќи се на неговиот профил и на некои од неговите многубројни откритија. Ентузијазмот и пасијата со кои Гоце Жура го проучуваше културно-историското наследство на Охрид и Македонија, беа и ќе останат пример за тоа како јас ја сфаќам науката воопшто, но и за тоа колку вљубеноста во и посветеноста кон својата професија го оформува човека. Жура за животна мисија си постави, преку своите неуморни истражувања и проучувања, да го презентира богатството на македонската културна ризница, не само во нашата, ами и во светската научна и поширока јавност.

Пред да обрнам внимание на еден мал, но многу значаен дел од неговите многубројни откритија во чест на неговото денешно поменување, доликува да ги потсетам читателите на неговата биографија. Гоце Ангеличин-Жура делуваше во рамките на Националната Установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид од 1980 до 2015 година како историчар на уметност и археолог, со звање советник – конзерватор. Уште од самиот почеток, својата дејност ја насочува кон малку познатите дела навлегувајќи во темните пунктови кои останале надвор од интересот на претходните истражувачи. Благодарение на долгогодишните теренски истражувања, забележува низа нови објекти и фрескоживописни претстави, а своите сознанија во текот на целиот работен живот, но и по пензионирањето, сѐ до неговата смрт во 2019 година, активно ги обработува и споделува. Зад себе остава импресивен библиографски профил: 20 книги и над 50 трудови. Фокусирајќи се на Охрид, неговата најголема инспирација, Гоце Жура открива и активно мапира над 250 цркви во охридско, и 45 во стариот дел на градот, но и уникатни фрески од светско значење. Тој е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион, кои резултираа со восхитувачки откритија. Огромната фото-документација од истражувањата на ваквите единствени сакрални објекти, кои денес се простираат во три држави – Р. Македонија, Р. Албанија, Р. Грција, сведочи за значајноста на откритијата, драгоцени за науката, но и поттик за понатамошна заштита и афирмација на ова наследство. Прв истражувач е на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе – Р. Албанија, што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една голема празнина за овој период.

Мојот татко до крајот на својот живот активно настапуваше во аудио-визуелните и печатените медиуми, со што придонесе за значително поголем интерес па пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност. Освен тоа, своите стручно-научни трудови ги има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство. Токму поради ваквата активност е застапен во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот „Свети Климент Охридски“ во 2007 година. Неговите дела се распространети насекаде низ светот, во значајни библиотеки како таа во ИКРОМ (ICCROM) во Рим. Неговите истражувања, пак, на пештерските цркви особено, претставуваат основа за идни научни откритија.
Во продолжение, би сакала да се осврнам на некои од неговите најпознати откритија, и, иако има многу да се пишува, ќе се задржам само на некои. Би почнала од тоа што тој го нарекуваше круна на неговите истражувања во јадрото на самиот Охрид. Имено, како резултат на целокупниот и долгогодишен напор да ги лоцира сите христијански храмови во старото градско јадро, вклучувајќи ги и оние што веќе не постојат, Гоце Жура во својата последна книга „Охрид – град на светоста“ (2018), идентификува и презентира 20 базилики кои функционирале во доцноатнички Лихнид, и 43 цркви во средновековен и османлиски Охрид. Нив ги претставува во енориска карта, која претставува водилка за натамошни научни подвизи на некои следни генерации истражувачи и научници на историјата на Охрид.

Понатаму, ќе посветам простор на истражувањата кои добија најголем одек во научната јавност – изданијата на Гоце Жура посветени на пештерските цркви на бреговите на Охридското и Преспанското Езеро, со нивниот уникатен фрескоживопис. Фасцинантни се откритијата што тој со неговата екипа ги евидентира во овие храмови, и восхитувачки се преземените зафати за нивно истражување, започнувајќи во 1997, продолжувајќи во 2002, 2008 и 2009 година. Дотолку е значајно што мојот татко е првиот што се зафаќа со нивно систематско проучување, што воедно придонесува за тоа да се смета за основоположник на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта. Без овие уникатни сакрални објекти е незамисливо постоењето на македонската и воедно православната црковна историја, ќе истакне тој. Во нив се наоѓаат композиции кои претставуваат едни од најуникатните фрескоживописни претстави на Балканот, па и во светски рамки. Иако во овој регион сега постојат поинакви државни граници, сè уште е очевиден вековниот континуитет на уметничкото творештво и духовниот живот на ова единствено културно јадро. Почетоците на пештерните цркви и монашки живеалишта на брегот на Охридското Езеро, Гоце Жура смета дека треба да ги бараме во времето на доаѓањето на Климент и Наум на овие простори. Нов подем на монаштвото на бреговите од Езерото се случува кон крајот на 13ти и целиот 14ти век под влијание на новиот христијански мистицизам. Токму од овој период потекнува и најголемиот број на пештерски цркви подигнати на брегот и околината на Езерото. Истражувањата на Жура и неговиот тим резултираат со мапирање на 10 цркви распространети долж бреговите на Охридското Езеро. Гоце Жура прави и вонредни напори за да ги истражи и пештерските цркви зачувани на брегот од Преспанското Езеро. Напорите вродија со извонреден успех, овозможувајќи повеќето од сакралните објекти за прв пат да бидат објавени. Истражувањата тука резултираат со мапирање на 8 објекти долж Преспанското Езеро.

Најпосле, нешто што ја дефинира посветеноста на Жура во склоп на истражувањата во пештерските цркви, се новооткриените ликови на охридскиот светител Климент на повеќе локации. Со нив, Гоце Жура придонесува кон осветлувањето на изградениот однос на Охридската архиепископија кон делото на овој Светител. Распространети во живописот и иконописот во регионите што во одредени временски периоди биле под нејзина јурисдикција – Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Грција, во оваа прилика би издвоила две, навистина ретки претстави, за чие што идентификување Жура беше посебно горд. Првата се наоѓа во пештерскиот храм „Рождество Богородично“, кој се наоѓа на западниот дел од Охридското Езеро, во составот на манастирскиот комплекс, недалеку од селото Калишта. Внатре, на северниот ѕид во лунета, е насликана композицијата на која се претставени Кирил Филозоф и до него еден доста уништен лик, за кој што науката претходно смета дека е Светиот Методиј. Но Жура, од фрагментите на ликот успева да идентификува дека сепак се работи за св. Климент, што ја прави оваа композиција единствена, бидејќи претставува дотогаш прво композициско решение од Учителот и неговиот Ученик заедно. Овој пример е раритет и прв од таков вид не само во Македонија, туку воопшто, каде што се претставува нивно чинодејствување, бележи Жура.

Втората претстава на светиот Климент, што Гоце Жура ја идентификува, е таа во средновековниот пештерски храм посветен на Св. Богородица, на околу три километри североисточно од селото Пустец, во југоисточниот дел на Преспанското Езеро – Р. Албанија. При истражувањата во ова светилиште, кое со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлени по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро, Жура открива нешто што дотогаш го пропуштиле видни научници – засега најстарата претстава на св. Климент Охридски на просторот на денешна Албанија, која датира од живописот од првата фаза -1334/5 година. Не помалку е значаен и еден друг аспект, поврзан со светителот до кој е насликан Охридскиот чудотворец. Станува збор за комбинација што за прв пат се сретнува во рамките на утврдената хронологија на неговите претстави и изборот на светителите со кои бил насликан – св. Елефтериј, свештеномаченик и прв епископ на Илирик со седиште во Валона. Обата светители се насликани во првата зона, на јужниот ѕид од олтарниот простор. Гоце Жура смета дека значењето на композицијата се зголемува со фактот дека ова е засега единствено нивно заедничко преставување во целокупниот живопис и иконописна територија која порано била под јурисдикција на Охридската архиепископија.

Навраќањето кон некои од неговите најзначајни откритија, како и кон неговото научно делување воопшто, на овој ден претставува мој скромен придонес кон неговото паметење, најпрво како граѓанин на Охрид, а потоа како историчар на уметност, кој несебично придонесе за афирмацијата и заштитата на охридското и македонското културно наследство. Охридскиот Чудотворец Климент и Охрид – Балканскиот Ерусалим, беа неговата вечна инспирација и извор на непресушна љубопитност која што ми ја пренесе и мене. Моја најголема желба е неговите дела да бидат ист таков поттик за интерес, нови спознанија и негување на нашето наследство од страна на идните поколенија!

Гордана Ангеличин-Жура,
Плаошник, 01.04.2022