Македонскиот репрезентативен фудбал денеска одбележува триесет години од дебитантскиот настап на меѓународната сцена и пријателскиот натпревар одигран против Словенија во Крањ.
Под водството на првиот селектор Андон Дончевски, генерацијата на Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски и плејада други големи имиња на македонскиот фудбал, на 13 октомври 1993 година ја совлада Словенија со 4-1.
Во почетниот состав на македонската репрезентација се најдоа 1. Зоран Мицевски, 2. Кире Грозданов, 3. Зоран Јовановски, 4. Драган Канатларовски, 5. Илија Најдовски, 6. Чедомир Јаневски, 7. Зоран Бошковски, 8. Љупчо Марковски, 9. Дарко Панчев, 10. Бобан Бабунски и 11. Тони Мицевски.
Првиот гол во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал го постигна Бошковски, а во листата на стрелци на дебитантскиот натпревар се запишаа и Панчев, Јаневски и Канатларовски.
Навраќајќи се на натпреварот во Крањ, легендарниот Зоран Бошковски – Чоко, рече дека постигнатиот гол никогаш нема да го заборави.
Горд сум на голот-првенец за Македонија, ќе го паметам засекогаш. Дарко Панчев нафрли од левата страна, јас ја следев акцијата, натрчав на топката и гол, радоста беше голема. Прв меч за Македонија, под ново знаме, химна, тоа беше нешто посебно, не се заборава. Атмосферата на стадионот во Крањ беше прекрасна, имаше неколку илјади Македонци, кои дојдоа да нè поздрават, да нè бодрат, се потсети Бошковски на моментите од историскиот натпревар.
Првиот официјален натпревар македонските фудбалери го одиграа една година подоцна, на 7 септември 1994 кога во квалификациите за ЕУРО96 ремизираа 1-1 против тогашниот европски првак Данска во Скопје.
Во меѓувреме, македонската фудбалска репрезентација својот најголем успех го постигна со пласманот на ЕУРО 2020, со генерацијата предводена од Горан Пандев и Игор Ангеловски на селекторската клупа.
OhridNews
фото. ФФМ