Отворена меѓу првите авто школи во Охрид и регионот, во 1993 година од м-р Соња Д. Шикалоска, авто школата „Старс Инженеринг“ три децении бележи тренд на постојан развој и успех.

Идејата вели Шикалоска, да се отвори авто школата била нејзина, а во реализација на истата имала помош и целосна поддршка од сопругот со кој имааат иста професија. Покрај сопругот најголема поддршка сите овие години и се и двајцата синови Филип и Христијан и снаата Емилија кои активно се вклучени во семејниот бизнис. Почетокот бил тежок, бидејќи требало да се обезбеди деловен простор, стручен кадар и алатки за работа-возила опремени и приспособени за обука на возачи и тоа со сопствени средства.

Низ годините со посветена работа успеваме да изградиме модерна и современа авто школа, со визија за понатамошна надградба и усовршување во служба на граѓаните и нивната безбедност во сообраќајот. Бевме прва авто школа во градот и пошироко во регионот со жена инструктор и можност голем број жени да се стекнат со возачка дозвола бидејќи се чувствуваа послободни со жена инструктор. Факт е дека жените се повеќе се вклучуваат во сообраќајот, не само како возачи, туку и возачи инструктори кои професионално ја обавуваат оваа работа, вели во разговор за Охридњуз, Соња Шикалоска.

Освен обука на возачи на возила на моторен погон, „Старс Инженеринг“ повеќе од 20 години изработува вештачења и супевештачења од областа на сообраќајот за потребите на ОЈО Охрид, Струга и Ресен.

Во фирмата имаме високо квалификувани вработени кои се лиценцирани инструктори и лиценцитрани вешти лица од областа на сообраќајот со долгогодишно работно искуство, додава Шикалоска.

Во овој период од триесет години, потенцира Шикалоска, пред се водилка им бил квалитетот, стручноста и знаењето да бидат правилно пренесени на кандидатот за возач.

Како што поминуваше времето се менуваше и возниот парк, се гледаше во насока да имаме поквалитетна теоретска и практична обука. Се осовремени возниот парк со полесен пристап до команди. Во моментов обуката се спроведува на современи моторни возила. Нашата визија е „научи да возиш, не само да положиш“. – истакнува Шикалоска.

Прв приоритет на авто школата „Старс Инженеринг“ е безбедноста. Во таа насока се реализираа и бројни едукативни предавања во основните училишта за безбедно учество на децата во сообраќајот како пешаци, велосипедисти и возачи на електричен тротинет. Активно соработуваат и со ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ со сообраќајната паралелка.

Како општествено одговорна компанија авто школата „Старс Инженеринг“ спонзорира и учествува во одбележување на сите датуми кои се поврзани со безбедноста како што се: 11 Мај – Денот на култура во сообраќајот, 3 Јуни- Ден на велосипедот, Неделата на Европска мобилност, како и во активности на Културолошката иницијатива „5 до 12“…

 

Желба на Шикалоска е да се подобри безбедноста во сообраќајот и сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот.

Би сакала да се сменат некои работи и во однос на спроведување на возачките испити. По завршување на теоретската настава, веднаш да се положи теоретскиот дел од возачкиот испит. На тој начин кандидатот за возач полесно би ги совладал сообраќајните правила и прописи при спроведување на практичниот дел обуката. Сообраќајната култура се стекнува уште од мали нозе што значи сите имаме обврска во едукација и воспитување на нашите деца како учесници во сообраќај како патници во возило, пешаци или возачи на велосипед и тротинет, вели Шикалоска.

Јубилејот, 30 години успешно работење на „Старс Инженеринг“ се одбележа синоќа, со пригодна свеченост во присуство на голем број пријатели, деловни партнери и гости.

Фото галерија:

Три децении авто школа „Старс Инженеринг“, визија, развој и успех

Н.С.Ј.
Фото: А. Момироска