Наградните игри од производителите и трговците не само што можат да ги остават потрошувачите без пари, туку тие можат да не ја добијат и ветената награда.

„Учествувавме на наградна игра од еден наш реномиран производител на безалкохолни пијалаци. Ни беше ветена награда, но производителот заради недостиг на награди ја прекина играта пред истекување на предвидениот рок, а нас не остави без ветените награди иако ги исполнувавме условите за истите“, оваа поплака ја слушнавме од граѓанин кој го затекнавме во советодавното биро на потрошувачи во Охрид.

Катерина Павлоска, советодавач во бирото му објасни дека согласно членот 7 од  Законот за заштита на потрошувачите трговецот кој при понудата на производот или услугата на потрошувачот му ветува награда, односно дека со купување на производот или давањето на услугата ќе добие награда, должен е таа награда да му ја даде на потрошувачот без одложување.

Павлоска потсети дека овој случај треба да се пријави до Државниот пазарен инспекторат.

Таа вели дека, жалбите од страна на оштетените потрошувачи воопшто не се занемарливи. „Охриѓани се жалат дека не им се издаваат фискални сметки, дека сервисерот не се нафаќа да им го сервисира купениот производ, но има и такви кои купуваат прехранбен производ има неисправен квалитет“, објаснува Спировска.

Во декември лани и во првиот месец од годинава, во бирото на потрошувачи се остварени 63 советувања. Најголемиот дел од нив се правни совети, за правата на пациентите се интересирале 5 граѓани, а во обаста на домувањето биле остварени 13 советувања. Во овој период едно прашање до компетентните било од областа на заштитата на животната средина, четири се однесувале јавните претпријатија, а биле побарани и седум совети за избор на производ или услуга.

„Наводните телелфонските наградни игри и лажните продавачи на производи кои тропаат на вратите од граѓаните ги има се уште“, додава Катерина Павлоска и апелира, потрошувачите да бидат крајно внимателни и да не подлегнуваат на убедувањата од страна на самонаречените организатори или трговци.

Ohridnews