Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, раководителите на деловните субјекти оцениле дека економската состојба на нивните деловни субјекти од областа на трговијата на мало, како и нивната финансиска состојба во второто тримесечје од 2011 година се поповолни во однос на првото тримесечје од 2011 година и во однос на второто тримесечје од 2010 година. Раководителите на деловните субјекти изразиле и поголем оптимизам во однос на очекувањата за економската состојба во наредниот период.

Раководителите на деловните субјекти оцениле дека количината на залихите во текот на второто тримесечје од 2011 година е намалена во однос на првото тримесечје од 2011 година. Нивните оценки за очекуваните порачки за наредниот период и очекувањата за бројот на вработените се поповолни во однос на првото тримесечје од 2011 година. Тие оцениле и дека движењата на продажните цени во истиот период бележат намалување.

Нивните очекувања се и дека продажните цени во наредните 3 месеци ќе се намалат.

Најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на второто тримесечје од 2011 година имале: слабата побарувачка на купувачите со 41.6%, зголемена конкуренција со 14.6%, и зголемена понуда на пазарот со 13.1%.

OhridNews