Новото време во кое компаниите се соочуваат со нови предизвици, како што е актуелната здравствена криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, покрај нови бизнис идеи бара и нов пристап во решавањето на проблемите, но пред се во организацијата на работата.
Охрид е специфична средина, туристички град со нагласена сезоналност, која дополнително го усложнува пазарот на трудот и работењето пред се на стопанските гранки кои на било кој начин се поврзани со туризмот. Една таква гранка е трговијата која во Охрид, исто така, ги има сите специфики на сезоналност: продолжено работно време, работа во празници и викенди. Но што е со периодот вон главната туристичка сезона? Потребна ли е реорганизација на работното време на трговските компании, пред се во малопродажбата? Одговорот е да вели менаџментот на Топ маркетите на компанијата Семафор – Р, која најавува нов систем на работно време вон туристичката сезона во кој Недела ќе биде загарантирано неработен ден за сите вработени во компанијата.
Во Охрид сите ја чекаме сезоната, да сработиме и да се обезбедиме што повеќе за периодот вон главната сезона, кој е сосема поразличен. Доколку на лето навистина имаме потреба од продолжено работно време и работа 24-7, без оглед дали е празник или викенд, вон сезона тоа не е така. Оттаму најавуваме дека по завршување на шпицот на сезоната Топ маркетите нема да работат во недела, односно недела ќе биде неработен ден за сите наши вработени. Сметаме дека тоа не само што е неопходно, туку е и потребно како за мотивот на работниците, така и за трговските компании кои на овој начин решаваат многу проблеми и прават рационална заштеда. – велат од менаџментот на Топ маркетите.
Топ маркетите од петок, 3 јули, почнуваат со летно работно време во своите продажни места, кое на сила до крајот на летната сезона.
Од 1 октомври 2020 година Топ маркет за прв пат кај нас во поново време нема да работи во неделите, се до почетокот на наредната туристичка сезона април – мај 2021.
Г.М.