Конкретни податоци за бројот на жртви од трговијата со луѓе нема,  но факт е дека Македонија од транзитна земја се повеќе станува земја во која се одвива внатрешна трговија со луѓе. Затоа  потребно е проблемот да се спушти на локално ниво каде најдобро може да се спречи трговијата со луѓе.

Ова го истакна државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Душко Миноски на советување за улогата на центрите за социјална работа во борбата против трговијата со луѓе, што денеска започна во Охрид.


Трговијата со луѓе зема замав

Миноски посочи дека за зголемување на ефикасноста во борбата против трговијата со луѓе ќе биде потребно да се формираат строго специјализирани тимови во Центрите за социјална работа. Тој информираше дека таму веќе се формирани 15 специјализирани одделенија и дека надерната година ќе бидат отворени дополнителни 12 одделенија.

Социјалните работници посочуваат дека трговијата со луѓе зема замав, особено во западниот регион. Во Охрид според податоците од Центарот за социјална работа оваа година не е регистриран  ниту еден случај на жртва од трговија со луѓе.

На дводневниот семинар во Охрид учествуваат раководители на Центрите за социјална работа од Македонија, а целта е да се координират мерките на заштита на жртвите од трговијата со луѓе.

Г.М.