Норвешката биатлонка Марте Олсбу Ројселанд во својот четврти настап на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг го освои денеска четвртото одличје, а трето злато, убедливо триумфирајќи во трката на 10 километри.

До својот вкупно шести олимписки медал во кариерата најдобрата светска биатлонка дојде со предност од 1:36.5 минути пред Швеѓанката Елвира Оеберг, која го освои среброто.

Трката на 10 километри донесе драматична борба за бронзениот медал, кој цврсто во своите раце го држеше Норвежанката Ингрид Трандерволд, а потоа доживеа физички колапс и едвај ја мина целта, завршувајќи дури на 14 место. Тоа најдобро го искористи нејзината сонародничка Тирил Екноф, која на крајот го освои бронзениот медал, нејзин трет во кариерата од Олимписките игри.

OhridNews