Во изминатите три години на неколку наврати, беа ветени капитални проекти за преадаптација на просторот и просториите од поранешната „касарна“ во Охрид. Уште во 2011 година, премиерот Никола Груевски најави префрлување на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид на оваа локација, а година подоцна истото го стори и поранешниот Министер за образование и наука, Панче Кралев.
Во текот на вчерашниот ден, Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, изјави дека за година и пол оваа високообразовна институција ќе биде целосно префрлена во објектите кои припаѓаат на Министерството за образование и наука, а се наоѓаат во касарната „Генерал Михајло Апостолски“. Како што тој потенцира, првата фаза за преадаптација на дел од објектите која треба да започне во наредните денови, ќе чини околу 40 милиони денари.
„Во текот на наредните денови започнува првата фаза на санација и реконструкција на објектите од поранешната касарна, кои ќе бидат наменети за потребите на УИНТ „Св. Апостол Павле“. Очекувањата се некаде за отприлика година, година и пол, таму да имаме комплетно адаптиран објект, а целиот универзтитет со своето функционирање и работење да се пресели во рамките на тие објекти.“ – најави Ристoвски.
Универзитетски кампус во касарната „Генерал Михајло Апостолски“
Во рамките на проектот за преадаптација, санирање и реконструкција на дел од објектите во касарната „Генерал Михајло Апостолски“ кои припаднаа на Министерството за образование и наука, предвидено е изградба на универзитетски кампус.
„Објектите кои припаднаа на Министерството за образование и наука, целосно ќе бидат наменети за потребите на УИНТ. Во рамките на комплексот предвидени се простории за управна/ректорска зграда, обезбедување два големи сместувачки капацитети, како и амфитеатар, простор во чии рамки ќе се реализира наставата.“ – истакна Ристовски.
Проектот отвора широки хоризонти за странските инвеститори?
Изградбата на универзитетскиот кампус отвора хоризонти за странски инвестиции во делот на информатичката технологија, компјутерското инженерство и програмирање, смета градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
„Со најавата за почеток на работа на универзитетскиот кампус на УИНТ, на некој начин се најавува реализација на она што ние го ветивме пред граѓаните на Охрид заедно со Владата на Република Македонија. Сакам да изразам благодарност кон ресорниот министер за сите негови напори во реализација на сите овие наши ветени проекти.“ – изјави Бакрачески.
Канадска компанија заинтересирана за инвестирање во градот
Првиот човек на Охрид, најави дека идната недела ќе биде оддржан состанок со компанија од Канада, која е заинтересирана да инвестира во делот на информатичките технологии.
„Заедно со Министерството за странски инвестиции, имаме закажано состанок со една канадска компанија околу можностите за инвестирање во објект кој би вработил околу 200 луѓе во првите три години во делот на компјутерско инженерство, информатички технологии и програмирање. Така да, со овие активности кои ги спроведува Министерството за образование во корелација со локалната самоуправа, посветено работиме на подобрување на условите за инвестиции во тој дел.“ – потенцира првиот човек на Охрид, Никола Бакрачески.
Кралев ја најви инвестицијата уште во 2012 година!
Во 2012 година, поранешниот Министер за образование и наука, Панче Кралев, најави дека е планирана реконструкција на дел од охридската касарна за потребите на универзитетот, која треба да биде реализирана во 2013 година.
Премиерот Греувски во 2011 година најави започнување на активностите за преадаптација на касарната!
Премиерот Никола Груевски, при посетата на Охрид во април месец 2011 година, најави дека за неколку месеци се очекува отпочнување на активностите за реконструкција и адаптација на касарната, во чии простории ќе биде сместен универзитетот.
„Доколку активностите се одвиваат според планираното, очекуваме дека во текот на месец јануари или февруари идната година, ќе завршат градежните работи во касарната и универзитетот ќе може да почне со работа во новите простории.“ – најави Груевски во април 2011 година.
Во урбанистичкиот план предивени градби за потребите на високообразовна институција
Според постоечкиот детален урбанистички план на овој простор, предвидена е изградба на Спортски центар, амбуланта, црква, трговски центар, објект наменет за потребите на високообразовна институција.
O.T.