Спортувањето и физичката активност се едни од најбитните сегменти во општествениот живот и клучен фактор за создавање на здрави генерации. Современиот начин на живот го намалува интензитетот на физичка активност на младите луѓе, особено децата, што на крај неповолно се одразува на нивното психофизичко здравје. Препорака на надлежните институции во Република Македонија е младите да бидат постојано физички активни и да се занимаваат со спорт.
Водејќи се од овие препораки, а грижејќи се здравјето на најмладите што секако е во склад и со начинот на дејствување и со општите цели за унапредување на општеството и грижата за младите, ФК ОХРИД ТОП ТИМ, преку оваа спортска манифестација дава скромен придонес во надминување на проблемите со кои се соочуваат младите во насока на создавање навики за здрав живот преку промовирање на спортот и фудбалот. Воедно, на овој начин се врши промоција на Охрид како извонредна дестинација за спортски туризам.
Традиционално, повод за одржување на овој турнир е роденденот на нашиот клуб и истиот е своевиден подарок за нашиот град, за сите пријатели на клубот но и за сите што го сакаат фудбалот. Третото издание на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ ќе биде помасовно во споредба со претходните години и трае дури 10 дена. Од 15 до 20 јуни се одиграа натпреварите во младинската У-15 возрасна категорија (ген. 2002),, а од 22 до 25 јуни ќе се играат натпреварите во У-13 (2004), У-11 (2006) и У-09 (2008) возрасни категории. Во овој период, Охридските „Бели“ ќе бидат домаќини на повеќе од 500 деца, млади спортисти и фудбалери, кои ќе бидат дел од 30 екипи од 15 фудбалски клубови од повеќе градови од нашата земја што ќе играат на третиот по ред младински фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Дел од овој турнир ќе бидат клубовите: Охрид Топ Тим, Работнички Скопје, Њу старс Скопје, Неготино, ЛК Битола, Тотал фудбал Ресен, Академија Нацев Велес, Куманово, Топ гол Битола, Смилковци Скопје, Спортефе Скопје, Велешта, Фламуртари Радолишта, Евро фудбал 2 Вардар Охрид.
Спортските резултати во ова натпреварување не се најважни, а цел на натпреварувањето е на децата да им се исполни желбата за фудбалско натпреварување и да создаваме нови генерации, кои првенствено ќе ги красат добри човечки особини, а потоа и спортска успешност. Обврска на сите актери на турнирот ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ е да се однесуваат чесно и во согласност со највисоките морални и етички норми.
Овој турнир е единствен не само во нашата земја туку и во регионот по тоа што се игра по однапред утврден формат и со ограничен број на екипи што им овозможува на сите учесници максимално да уживаат во фудбалската игра, но и да уживаат во престојот во Охрид имајќи доволно време да ги видат и почувствуваат сите убави работи што ги нуди нашиот град.
OhridNews