Филмот “ Исчезнатата од Довил” во режија на Софи Марсо ќе го отвори годинешното, трето по ред издание на Фестивалот на француски филм во Охрид,  кој ќе започне на 26 јуни. Во рамки на првата фестивалска вечер,  е предвидена и изложба на фотографии насловена како: “ Каен- љубов на прв поглед”, која ќе ја отвори потпретседателот на регионот Долна Нормандија, а во присуство на францускиот амбасадор во Македонија, Министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска и градоначалникот Александар Петрески.

                                       

Како што не информира првиот човек на фестивалот, Зоран Велјаноски- Летра, за третото издание на фестивалот планирани се десет долгометражни и 5 краткометражни филмови кои ќе бидат во конкуренција. Дневно ќе се прикажуваат по два филма, а проекциите ќе започнуваат од 18 и 20.30 часот. До сега, селектирани се 4 филма: “ Многу сум среќен што мајка ми е жива” на Клод и Натан Милер, “ Треф дама” на Жером Бонел, “ Црна овца” на Паскал Елбе и “ Слобода” на Тони Гатлиф. 
 
И годинава, на фестивалот ќе гостуваат познати француски имиња од светот на филмот и музиката. Потврдено е присуството на француската пеачка Лио, продуцентот  Франсоа Лепети, ( продуцент на филмот Тројца мажи и бебе), како и  режисерите Натан Милер и Клод Бонел.
“ Сигурни сме дека и годинава салата во Центарот за култура ќе биде полна при секоја проекција, како што беше случај и изминатите две години” , вели директорот на фестивалот Зоран Велјаноски- Летра. “ Очигледно е дека охридската публика е желна за добар филм, а тоа го докажаа полните сали, од што и ние самите сме пријатно изненадени”. Минатата година, проекциите ги проследиле околу 8. 000 љубители на филмот.
Летра потенцира дека Фестивалот на француски филм е вистинска можност за бројни средби и потенцијални соработки помеѓу македонските и француските продуценти. “ Фестивалот носи плодови за Охрид, но и за Македонија” , потенцира Летра. “ Плодови за културата, филмската индустрија и се надевам дека за четири до пет години ќе се снимаат филмови во Охрид, од македонска и француска продукција” .

Во тек се преговорите околу комплетирањето на жири комисијата, за која е сигурно дека ќе биде составена од звучни имиња од светот на филмот.

Свеченото затворање на фестивалот е предвидено да се одржи на 3 јули, во Антички театар, кога ќе му биде предадена Златната маска за животно дело на годинешниот добитник, чие име сеуште не се открива.

Ќе бидат доделени и златната маска за најдобар филм, режија, краткометражен  филм, за најдобра машка и женска улога, како и за најдобро сценарио.

Тања Кувенџиска