Оксалната киселина е откриена во 1776 година и во природата се наоѓа во многу билки. Најмногу ја има во какаото, чоколадата, кафето, јагодите, зрнесто овошје, мангото, компирот, цвеклото, спанаќот и тн. Оксалната киселина лесно се раствара во вода и како природен елемент се наоѓа во медот. Признаена е од Европската унија како препарат за “органско пчеларење“. Се користи во вид на спрејови, со испарување или со накапување. Најбезбеден начин на третирање е со накапување каде ефикасноста во пчелна заедница по некои пчелари без легло е до 99%.
Крлежот неможе да стане отпорен на oксалната киселина. Киселината ги оштетува органите за варење кај крлежот и тој умира од глад, а по некои му ги нагризува пипците на нозете па така паѓа од пчелата и умира од глад. Во секој случај делува на вароата и не треба да се пропушти третирањето.
Слаткиот раствор на оксална киселина не е опасен за човекот под услов да се превземат заштитни мерки. Обавезно при работа со оваа киселина да се носи маска, заштитни наочари, нараквици и заштитно одело. При рака стално да се има поголем сад со вода за измивање ако по некоја случајност киселината дојде во допир со кожата.
Накапувањето со сладок раствор (шеќет, вода и оксална киселина) дава одлични резултати во борбата со вароата. Се нанесува со поголем пластичен шприц со кој можеме да ја контролираме количината на раствор што ќе го накапаме.
Растворот се спрема на следниов начин: се загрева 0.6л. вода на температура од околу 40 степени и се додава 0.6 кг. шеќер во кристал (со овој сооднос ќе добиете приближно 1л. Сируп). Откако ќе се растопи шеќерот се додава 35 грама оксална киселина во прав и се меша се додека не се растворат кристалите од киселината. Се накапува по 5 мл. на една улица со пчели. Растворот мора да е млак (околу 37 степени). Не смее да се заборави дека за време на припремата на растворот и третирањето на пчелите обавезно да се носи заштитна опрема. Најдобро време за третирање со оксална киселина е кога веќе нема легло во заедницата и температурата на воздухот е 0-10 степени.
Досега не се забележани несакани ефекти на пчелите при третирањето со оксалната киселина освен ако процентот на киселина во растворот е поголем од пропишаниот при што доаѓа до слабеење на пчелната заедница.