По два неуспешни обиди да се продаде атрактивната локација кај Горица, каде според Генералниот урбанистички план треба да се изгради суперлуксузен хотел, државата на 18 јануари распиша нов-трет меѓународен тендер.

Постапката за продажба на 15,5 илјади метри квадратни атрактивно Земјиште е во тек, но локалната самоуправа стравува дека и овој меѓународен тендер нема да биде успешен. Причина за тоа според неа се високите услови  кои ги наметна владата според кои на посочената локација хотел може да изгради само светски бренд кој поседува ланец хотели.
Како најсериозен инвеститор се споменуваше „Хилтон“, но менаџерскиот тим на светски познатиот ланец хотели во септември лани,  информираше дека “групацијата во моментов се фокусира на развивање на брендовите на хотелскиот синџир на клучните пазари, но не и во Охрид“. Исто така во игра беше и реномираниот ланец хотели „Ексцелзиор“, но ниту таа најава не се оствари.

Што ќе се случи доколку и третиот меѓународен тендер не успее, засега не се знае, а  локалната самоуправа изрази сомневање дека зад поставувањето на високите критериуми всушност се крие намера на владата  атрактивното земјиште кај Горица да го продаде со непосредна спогодоба.

Г. Момироски