Без победник (2-2) и со поделба на бодовите заврши локалната дерби пресметка помеѓу Охрид и Лакочереј во 18-та рунда од Третата македонската фудбалска лига.
Натпреварот кој се одигра на теренот со вештачка трева го оправда епитетот дерби, а понуди четири голови и голема борба на средината од теренот.
Тимот на Лакочереј уште во третата минута го отвори резултат, откако Албнор Каба ја смети топката во мрежата. Охрид на водечкиот погодок од Лакочереј возврати со два. Никола Секулоски во два обиди успеваше да го надмудри голманот и да донесе прво егал, а потоа водство 2-1 за својата екипа. Првиот дел заврши со погодокот на Лакочереј и ново изедначување. Стрелец беше Кристијан Петкоски.
Второто полувреме не донесе возбудувања кога се во прашање головите, но изобилуваше со тврда игра и голема борба. Цехот за таквата игра го плати Лакочереј кој остана со фудбалер помалку, но условно кажано гостите издржаа и освоија голем бод во трката за опстанок во третолигашкото друштво.
Мечот започна со минута молк во чест на некогашниот член на Охрид и фудбалер на Лакочереј, Ранко Матески кој почина на 5 април.
Мх.П.