Фудбалерите на Лакочереј ја исполнија целта победувајќи го Црно Буки со 2-1, додека Сатеска и Охрид не успеаја да освојат бодови на гостувањето кај Лирија Заграчани односно Фљамуртари претрпувајќи минимални порази (1-0) во 17-та рунда од Третата македонска фудбалска лига.
Екипата на Лакочереј со вториот триумф во серија на домашен терен освои значајни бодови во трката за опстанок. Творци на победа беа Кристијан Петкоски и Дејан Мошоски кои погодија во првиот односно вториот дел. Почесниот погодок за гостите го реализираше Наумче Најдовски.
Одбраната на Сатеска потклекна во финишот на мечот во Заграчани. Дема Бесмир погоди во 82-та минута, а до крајот на натпреварот Сатеска остана со три играчи помалку, откако за насилничко однесување исклучени беа Климент Николоски, Никола Скепароски и Филип Карафилоски.
Одлуката за победникот на мечот Фљамуртари – Охрид падна на стартот од дуелот. Атај Уљо го отвори резултатот во 7-та минута, а домашните фудбалери оддолеаја на сите обиди од Охрид и му го нанесоа првиот пораз на лидерот на табелата.
Резултати: Лакочереј – Црно Буки 2-1, Фљамуртари – Охрид 1-0, Влазними – Преспа 1-1, Лирија Грнчари – Новаци 0-2, Велешта – Караорман 3-2, Лирија Заграчани – Сатеска 1-0, Кравари – Октиси 2-1.
Табела: Охрид 44, Велешта 28, Караорман 27, Црно Буки 27, Влазними 25, Лирија Грнчари 24, Кравари 24, Преспа 23, Новаци 22, Лакочереј 22, Лирија Заграчани 21, Сатеска 20, Октиси 18, Фљамуртари 17.
Двојки 18.рунда: Црно Буки – Кравари, Октиси – Лирија Заграчани, Сатеска – Велешта, Караорман – Лирија Грнчари, Новаци – Влазними, Преспа – Фљамуртари, Охрид – Лакочереј
OhridNews