На 8 јуни на игралиштето во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид ќе се одржи Третиот хуманитарен турнир – Street Basket 3х3 „Од деца за деца“ Охрид 2024. Покровител на настанот е ОСМТХ Командерија „Св.Наум Охридски“ – Охрид во соработка со К.К „Колибри“ – Охрид, Црвен крст Охрид, Здружението Енхелеус Лихнид и Лабино саунд.

Се повикуваат сите деца на возраст од 9 до 15 години да се пријават, без никаков надомест да играат, да се забавуваат во духот на хуманоста. Ги повикуваме и сите заинтересирани фирми и граѓани со свои расположливи ресурси, хуманитарно да се приклучат на иницијативата, која ќе допринесе до подобрување на условите на деца со попреченост и аутистични деца. Турнирот ќе биде одлична можност за децата од Охрид и пошироко, да се дружат, спортуваат и го развиваат хуманитарниот дух, информираат  организаторите.

Потенцираат дека ова е трета година по ред што се одржува овој хуманитарен турнир кој веќе прераснува во една убава традиција.

На турнирот ќе настапуваат деца во неколку категории: прва категорија за деца до 9 годишна возраст, втора категорија од 10-11 годишна возраст, трета категорија за деца од 12-13 годишна возраст и четврта категорија за деца од 14-15 годишна возраст. Сите заинтересирани треба да состават своја екипа од тројца играчи. Можат да учествуваат машки и женски екипи или екипи со мешан состав. Ќе се игра во систем по групи, а потоа ќе следи вкрстување и нокаут рунда, посочуваат организаторите.

Пријавувањето на екипите може да се врши на следниот телефонски број: 076/953- 885, а за најуспешните три екипи обезбедени се вредни награди од страна на главниот покровител на настанот, додека секој учесник добива капа и маичка.

Сите собрани средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели и традиционално во Центарот за аутизам во Охрид. Ова е настан кој дефинитивно не смее да се пропушти, а пријавувањето е во тек, велат организаторите.

OhridNews