Досега се попишани околу 150.000 лица на територија на цела држава. Нема изречено казна за некој кој што одбил да се попише , а обврска на дежурните инструктори е да разговараат со лицата кои би одбиле да се попишат, истакна Апостол Симовски директор на Државен завод за статистика при денешната посета на реонската пописна комисија во Куманово.
Вчерашниот едночасовен прекин е резултат на прекин на системот и во моментов се работи на рестартирање на целиот систем за отстранување на „баговите“ кои што се појавиле, проблемот е технички и решението е најдено вели Симовски. Според него провајдерот е целосно подготвен за решавање на проблемите.
Денешното рестартирање на системот е за да не се појавуваат вакви проблеми. Секогаш кога работите со технологија е можно да се соочите со вакви предизвици, додава Симовски
И премиерот Зоран Заев ја гледа причината за вчерашниот едночасовен прекин во тоа што системот е нов и за прв пат се спроведува.
Во одреден момент беше прекинат информатичкиот систем, тоа е технологија која прв пат се применува. Суштината е дека кога применувате технички алатки за прв пат тие треба да се следат со будно око, вели Премиерот.
До денеска, трет ден од пописот на населението се бележи добар прием кај граѓаните, и активно се продолжува со активностите на терен за да се заврши на време.
Што се однесува до лицата во изолација, попишувачите ќе добијат листа на адреси каде има лица во изолација и за истите ќе треба или да се договараат кога им завршува изолацијата, или да бидат попишани според протоколите.
К.А.