Во организација на Здружението за литература и култура “МАЦКОВО” од Охрид, утре и наредните два дена, се одржува Третиот Балкански поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески”. Учесници се млади поетски надежи од Македонија, Србија, Албанија и Бугарија, виртуелно уште и од од Босна и Херцеговина – Република Српска, и Грција.
Покрај во Охрид, каде ќе биде свеченото отворање со прием и поздравен збор на претставник на локалната самоуправа, одделни манифестации, ќе се одржат уште во Струга, Вевчани, Белчишта, како и во селото Црвена Вода, родното место на писателот за деца и основоположник на македонската литература за деца, Ванчо Николески, велат организаторите.
Годинава, за прв пат, поканета е да биде дел од програмата и Првата детската амбасада “Меѓаши” од Скопје. Во подборот на учесниците, вклучени се културно информативните центри од сеоседните земји, при што најтесна соработка е воспоставена со КИЦ во Софија – заедно со Друштвото на писателите на Бугарија.
Остварена е тесна соработка со менаџментот на Струшките вечери на поезијата. Учесниците на Кампот, еден ден, ќе бидат заедно со своите постари колеги и идоли, присутни на светскиот поетски фестивал во Струга, кој годинава е јубилеен – шеесетти по ред, напоменуваат организаторите.
После две години, Министерството за култура одби да го финасира Кампот, со чудно образложение :”не бил традиционален”(!?). Кампот, мегу другото, се одржува и под грижата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој им испраќа Посланија, но и под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, од каде Посланија им испраќа Д-р Лаура Троиси, генерален секретар.
Веле Митаноски