Кога во Индонезија шумскиот пожар почнува да излегува од контрола, пожарникарите на помош ја повикуваат слоновската бригада. Како што пренесуваат агенциите, индонезиските власти користат тренирани слонови опремени со водени пумпи и црева во гаснењето на пожарите кои брзо се шират во шумските пространства. Веќе три месеци, провинцијата Риау, на исток од Суматра, е прекриена со голем, густ чад што е последица од шумските пожари кои тешко се контролираат.
Како дополнителна помош ангажирани се 23 слона кои со своите чувари и противпожарна опрема патролираат низ спалените области како би спречиле пожарот повторно да се разгори. Супартоно, одговорниот за шумската економија во провиницјата Риау, вели дека слоновите се од претходно тренирани да им помагаат на шумарите во пронаоѓањето на ловокрадци како и „посредување“, односно смирување и одведување на дивите слонови од имотите на локалното население. Индонезискиот министер за шуми и заштита на животната околина, Сити Нурбаја, изјави дека пожарите оваа година уништија околу 1,7 милиони хектари под шума и обработливо земјиште на островите Суматра и Борнео.