Со нов тренер, неколку нови засилувања и со цел за влез во второлигашкото друштво, на 17 јануари, струшкиот фудбалски клуб Караорман ќе ги започне подгоговките за пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига југо-запад. Кормилото во Караорман ќе го преземе Илче Перески, кој на клупата ќе седне на местото од Здравко Цветаноски. Првата етапа во третолигашкото друштво Караорман ја заврши на втората позиција, со бод помалку од есенскиот шампион Воска Спорт.
Тренерска промена ја направивме само поради нашите игри, кои не беа на нивото додека од бодовното салдо бевме и се уште сме задоволни. – изјави за „Спортска мрежа“, првиот човек на Караорман, Ристе Ќушкоски.
Костурот на екипата ќе остане, а наши најголеми засилувања ќе бидат играчите кои ќе се вратат на теренот од повредите. – додаде Ќушкоски.
Нашите амбиции не се скриени и атакуваме влез во Втората лига. Со тој успех и пласман во второлигашката конкуренција сакаме да го прославиме 100-годишниот јубилеј на фудбал во Струга. – рече претседателот на Караорман.
Втората полусезона стартува на почетокот од март месец.
OhridNews