Раднички од Крагуевац е првиот освојувач на трофејот на меѓународниот кошаркарски турнир во Охрид, кој го организираше Јавното претпријатие „Билјанини Извори“. До пехарот „црвените“ стигнаа со победата над МЗТ Скопје 90-88 по продолжение од пет минути.
– Никој пред почетокот на турнирот не се надеваше дека ќе успемее да го освоиме турнирот во Охрид. Допатувавме да ги одработиме финалните подготовки да ја подигнеме максимално формата, а мечевите со МЗТ во финалето и Лукоил во полуфиналето беа сериозен испит за нашата подготвеност кои мислам дека одлични ги поминавме – потенцираше тренерот на Раднички, Мирослав Николиќ.
Тренерот на скопјани Владо Вукоичиќ смета дека неговата екипа го положила психолошкиот тест и дека нема простор за тага по загубеното финале.
– Таков е спортот, се што градиш целиот натпревар, треба да го капитализираш со удар кон противничкиот кош. Ние тоа не го направивме иако изградивме чиста позиција и поразот беше неизбежен. Екипата го положи тестот иако во неколку наврати имавме негатива на која далеку поквалитени екипи би се предале, а кошаркарите успеаја да се вратат во игра – рече Вукоичиќ.
Тренерот на Лукоил, Оливер Костиќ, е задоволен од освоениот бронзен медал на турнирот во Охрид и се надева дека ќе прерасна во традиција.
– Сакам овој турнир да прерасне во традиција бидејќи на овој дел од Балканот ни треба еден ваков настан, на кој ќе можеме да ги одмериме силите со квалитетни противници. Од нашиот пласман на турнирот сум многу задоволен бидејќи во десет дена имаме одиграно седум контролни средби што е доволно да ја согледам вистинската слика како ќе изгледа екипата за сезоната која е пред нас – истакна Костиќ.
Кошаркарите на Металац не така лесно ја продадоа кожата во борбата за третото место со Лукоил, меч кој го загубија во последната четвртина.
– Секогаш може и подобро, но ние како екипа не можеме да се носиме со трите преостанати учесници на турнирот во Охрид кои имаат далеку поголем буџет од нас. Нас овој турнир ни е од големо значење бидејќи тука можеме да се сретниме со квалитетни противници. И за крај градот Охрид заслужува еден ваков турнир бидејќи ги има сите предиспозиции за организација на екстра квалитетен турнир – рекоа од Металац.
Мх.П.
фото:Емилио