Вистината сите ја сакаат, но повеќе и веруваат на лагата. Сметам дека со тоа се е кажано. Првиот круг од локалните избори заврши, на запад ништо ново, се е веќе видено, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од ГДУ, Михаил Трендафилов Нанче кој според освоените гласови не успеа да влезе во вториот круг од изборите.

  • Но, види чудо, пред војска од испиени, уплашени, истоштени, светнуваат 1.700 кристално чисти охридски бисери, гласови-богатство. Бисери кои ми даваат за право да мислам дека во Охрид конечно се раѓа нешто ново, ново семе, дека изгрева зората на слободата. Се чувствувам како морален победник, морален богаташ наспроти тендерските богаташи. Друга приказна е што денес моралот се доживува како мана. Воедно горд сум што во оваа трка влегов со ГДУ партија,  партија авангарда со млади луѓе, полни со љубов, вистина, ентузијазам без никакви хипотеки. Партија која ја следи идеологијата на ЦДУ на Ангела Меркел, ако тоа нешто ви значи. Партија со претседател од модерен европски ков, рече Трендафилов.

Трендафилов ги повикува граѓаните кои гласале за него, на локалните избори на 5 мај, да гласаат онака како што им налага нивната душа, срце и разум.

OhridNews