Својата изборна кампања кандидатот за градоначалник од Граѓанско демократската унија, Михаил Трендафилов-Нанче ја почна пред спомениците на Христо Узунов и Методи Патче, од каде укажа на најголемите проблеми со кои се соочува градот-белата чума, иселувањето, урбанистичкиот хаос. Како што рече, после 28 години лажење, тешко е да се поверува дека има и таков кој не лаже.
- Ве убедувам дека тој е тука, пред вас и ќе биде стално со вас и за вас. Од ова место порачуваме-ќе победиме многу сме јаки. Го имаме најсилното оружје, вистината!, рече Трендафилов-Нанче.
Посочи дека во изминатите 28 години кај луѓето е всаден страв при што тие се уверени дека има само две опции-да избираат меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Потенцира дека парите што ги издвојува владата се од сите граѓани, не од партијата која е на власт, па оттука не треба да се уверуваат граѓаните дека е добро само ако локалната и централната власт се од иста партија.
- Охрди го прават охриѓани, не ни треба никој друг да ни кажува. Ако успееме Охрид да го направиме онака како што треба, секој кој тука живее ќе ужива во убавините на Охрид, рече Трендафилов.
Додаде дека неговата визија за Охрид има повеќе проекти, меѓу кои и изградба на автентичен средновековен град меѓу ѕидините на Самоиловата тврдина, која ќе биде голема туристичка атракција. Потенцира дека во Охрид, пред се треба да се развива културата, спортот и туризмот, но истовремено треба да се придонесе кон развој на околината и целиот регион.
OhridNews