Поранешниот претседател на Уставниот суд на Република Македонија Трендафил Ивановски, кој прв доби решение за лустрација од страна на Комисијата за верификација на факти во 2010 година,  во изјава за OhridNews вели дека поднесениот Предлог законот со кој лустрацијата треба да се укине е чекор напред во воспоставување на демократијата.

-Мислам дека ова е еден изнуден процес од страна на Европските институции пред се по извештајот на Прибе, па се разбира и по изјавата на Стејт департментот. Овој процес е залутан и беше крајно време на овој процес да му се стави крај. Ова нека биде чекор напред во воспоставување на демократијата оти мислам дека со почетокот на лустрацијата, каде што беше и мојот случај, почна ударот врз демократскиот систем. Јас тогаш и во една изјава изјавив дека атакот врз мене е атак на Уставниот суд и атак врз Уставно – правниот поредок во Македонија, рече Ивановски.

Според него процесот на лустрацијата бил разместен процес и се спроведувал несодветно.

-Од 198 лустрирани луѓе, половина беа мртви, а тоа значи удар и вознемирување на покојниците и нивните семејства. Помеѓу лустрираните нема ниеден евидентиран случај кој ја опишува смислата на самата лустрација како процес, односно спречување на реставрацијата на кумунистичкиот поредок. Во нашите македонски услови такви луѓе немаше, а такви луѓе нема и во процесот кој досега беше спроведен, потенцира Ивановски.

Тој смета дека треба да престане постапката за лустрација на оние лица чии предмети се веќе во судска процедура.

-Мислaм дека сите оние обесправени луѓе ако веќе не бидат на соодветен начин заштитени од страна на судот во Стразбур сигурно ќе имаат право да се јавуваат и кај домашните органи, иако јас би претпочитал лично за мене да ја чекам одлуката од Стразбур, која по 4,5 години конечно и треба да се донесе, вели Ивановски.

Инаку според поднесениот Предлог закон лустрацијата кој беше поднесен од страна на Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, лустрацијата треба да престане да важи од први септември годинава. Тоа ќе значи дека од тој датум Комисијата за верификација на факти нема мандат за покренување на нови постапки за лустрација, а се запираат и сите постапки за кои до 1 септември нема да се донесат решенија.

Како што предвидува законот, оние кои добиле решенија за лустрација од Комисијата нема да можат да работат јавна функција во период од пет години. Се очекува Предлог – законот да биде изгласан во Собранието, пред да заминат пратениците на годишен одмор.

OhridNews