Годинава се бележи зголемен број на туристи, особено на странски, а очекувањата се дека ќе биде надмината бројката од 2019 година. Се очекува да биде остварен поголем девизен прилив од туризмот и угостителството.

Статистички гледано во периодот од јануари до јули во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 25,33 проценти и тоа кај домашните туристи има незначително зголемување од еден процент, додека кај странските има зголемување од 44 проценти.

Во периодот јануари – јули 2023 година по однос на истиот период од претходната година вкупниот број на ноќевања е зголемен за 12,4 проценти, така што кај домашните туристи се бележи зголемување од еден процент, додека кај странските туристи има зголемување за 28 проценти. Сето ова укажува на фактот дека по пандемијата и падот на бројот на туристи оваа година ќе се надмине бројката од еден милион туристи со тенденција да се надмине најдобрата 2019. Годинава се очекува да биде остварен поголем девизен прелив од туризмот и угостителството, истакна државниот секретар на Министерството за економија, Размена Чекич Дуровиќ на денешното одбележување на Светскиот ден на туризмот.

Таа посочи дека годинава, акцентот е ставен и на руралниот туризам како интенција на Светската туристичка организација, но и како потенцијал за развој во земјата. Потенцира дека современиот туризам претставува рефлексија на економските и општествените појави, а со оглед на големата динамика во овој сектор неопходни се брзи реакции и одговори на сите предизвици и прашања.

Целта на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како што посочи директорот на оваа институција Ључо Јаневски, е до 2025 година да се надмине и фамозната 1988 година кога на ниво на една друга држава сме забележале 3,7 милиони ноќевања.

Треба да бидеме горди на достигнувањата и на резултатите, ако ги споредиме и со 2019 година. Сите заедно успеавме да немаме воопшто пад на домашните туристи ако ја погледнеме статистиката со 2019 и 2023 година. Зборуваме за првите 7 месеци, таа е во плус 5 проценти. Доколку ги споредиме странските туристи, тие на ниво на држава ни се минус 11 проценти. Но, ако ја споредиме статистиката во тотални бројки, ние сме се уште минус четири проценти на нивото на целата држава. Но, ако ги споредиме двата наши најголеми туристички центри, Охрид и Скопје, ќе видиме дека и двата се во плус и сум сигурен дека ќе ги постигнеме целите, резултатите за 2023 година, тие се нешто повеќе од 3,3 милиони ноќевања и повеќе од 530 милиони туристички промет во туризмот и угостителството во 2023, рече Јаневски.

Тој додаде дека тоа се рекордни резултати кои покажуваат дека како никогаш досега туристичко-угостителскиот сектор и е потребен на нашата економија.

Ако можеме да имаме 35 илјади работни места, или помеѓу 4 до 5 проценти од вкупниот број на вработени, тогаш можеме и повеќе. Сметам дека сме и доволно мудри и јаки да го направиме во следните две-три години чекорот којшто долго време се очекува, ново реархитектуирање на туристичката индустрија, дополнителна промоција, национални кампањи и се она што е потребно на туристичкиот сектор, истакна Јаневски.

На настанот со кој беше одбележан Светскиот ден на туризмот традиционално со признанија беа наградени личности и институции кои дале особен интерес во развој на туризмот изминатата година.

OhridNews