Во Буџетот на МТСП за 2023 година проектирани се 203 милиони евра за поддршка за ранливи категории на граѓани, за навремени исплати на правата од системот на социјална заштита за граѓаните кои се во социјален ризик, соопшти министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Тренчевска, како што информира Министерството за труд и социјална политика, во утринската програма на МРТ 1 потсети на двата пакети антикризни мерки, креирани од Владата, со цел поддршка на граѓаните за полесно справување со последиците од енергетската и економската криза.
Антикризните мерки опфатија 600.000 граѓани кои имаат ниски приходи или ранливост. Во март оваа година ги опфативме сите 330.000 пензионери со финансиска поддршка од 3000 ден. Со 3000 денари исто така беа опфатени и примателите на Гарантирана минимална помош. Од 1 декември обезбедивме дополнителни мерки кои опфаќаат поголем број социјално ранливи категории. Тоа се примателите на правото на социјална сигурност, лицата со попреченост над 26 год, децата со попреченост, самохраните родители приматели на ГМП, стечајните работници, пензионерите со пензии до 14.000 денари, истакна Тренчевска.
Во областа на детската заштита, министерката потенцираше дека Владата и Министерството за труд и социјална политика, продолжува сериозно да вложува во изградба на нови градинки и обезбедување на поголем опфат на деца во нив. -Во 2022 година отворивме 11 нови градинки, следната година продолжуваме со истото темпо. Од 2017 до денес имам отворен нови 74 објекти, потенцира Тренчевска.
Министерката Тренчевска, како што се наведува, се осврна на растот на минималната плата од 2017 година до денес, а тоа за речиси 100 отсто повисока минимална плата за работниците во државата.
Градиме системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Решенија кои секоја година даваат зголемен приход за работниците. Во март ќе има повторно усогласување на минималната плата, согласно информациите кои ќе ги добиеме од Државниот завод за статистика во јануари. Со минималната плата растат и другите плати, посочи Тренчевска.
Таа посочи дека согласно новата методологија за усогласување на пензиите, пензионерите добија повисоки пензии во септември за 6,8 отсто. Ваквото усогласување ќе се прави два пати во годината во март и септември.
Во 2022 година пензиите се покачија речиси 10 отсто. Растот на пензиите е предвиден и со буџетот за 2023 година. За речиси една година пензионерите ќе добијат 16.7 отсто покачување, што е историско покачување досега, рече Тренчевска. Потсети дека во 2019 декември минималната пензија беше 9.457 денари, во 2022 година 10.240 ден, во октомври 2022 минималната пензија беше 11.525 ден. Тоа е за 2000 денари повисока минимална пензија.
Министерката Тренчевска се осврна на соработката со општините и соопшти дека МТСП вложува во детската заштита преку проекти со кои општините аплицираат, а се во согласност со стандардите предвидени за детска заштита.
Тренчевска зборуваше и за посетата на Република Хрватска, каде се сретна со министерот за труд и социјална политика и претставници на институции, во областа на социјалната и детска заштита.
Посетивме и видовме како мрежата на институции се грижат за менталното здравје на децата, младите и родителите и како тоа функционира. Планот е во 2023 година да отвориме центри за ментално здравје на младите и родителите, како да реагираат на стресот и како да го зачуваат своето ментално здравје. 2023 ќе биде посветена на менталното здравје, ќе работиме и на булингот, користејќи ги искуствата од Република Хрватска, најави Тренчевска.
OhridNews