Главна тема на Работната група, формирана со одлука на Владата, во среда ќе биде законот за минимална пензија по примерот на минималната плата во државата за да ја утврдиме со закон минималната пензија, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Босилово.

Според неа, Владата покрај отворањето на дневни центри и помош и нега во домот на пензионерите, работи и на нови социјални мерки за пензионерите, а една од нив е законот за минимална пензија.

Освен во делот на усогласувањето и донесувањето на новата методологија што ја донесовме лани во март за постојан раст на пензиите, односно двапати во годината да се усогласува, ние работиме и на услуги што впрочем и денес овде во општина Босилово во населеното место Турново ќе го отвориме Дневниот центар за активно стареење токму наменет за нашата највозрасна категорија на граѓани-тоа се пензионерите, истакна Тренчевска.

Инаку, на првиот консултативен состанок во среда ќе учествуваат претставници на сите релевантни институции, а ќе се разговара за се што е потребно да се подобри животниот стандард на пензионерите.

OhridNews