Со низа активности дневниот центар Порака Нова од Струга денес се придружи кон одбележувањето на 2- ри април, Светскиот ден на аутизмот. Во центарот на Струга, на минувачите им се делеа сини ленти, се цртаа цртежи со креда, се слушаше музика, се со цел да се подигне свеста на граѓаните за состојбата со аутизмот.
– Треба да ја подигнеме јавната свест дека лицата заболени од аутизам се присутни во општеството и дека тие се негов дел. Состојбата аутизам е нешто кое мора да се прифати. Грижата за лица со посебни потреби и аутизам никогаш не е доволна, секогаш е потребна поголема грижа и прифатеност од околината. Сеуште нема точни податоци за тоа колку има заболени лица во Македонија, во последниот период Факултетот по дефектологиј излегува со некои бројки дека бројот на лица со аутизам се зголемува, вели Анита Гогоска од дневниот центар Порака Нова.
Аутизмот е многу сложено биолошко нарушување на мозокот. Основното обележување на аутизмот е слаба социјална интеракција, комуникација и ограничени повторувачки начини на однесувања. Постојат благи и тешки форми на аутизам, кој почесто се јавува кај мажите отколку кај жените.
Генетиката на ова нарушување е комплексна. За сега не се знае кои гени се одговорни и на кој начин настанува аутизмот. Во ретки случаи, аутизмот се поврзува со факторите кои предизвикуваат мани при пораѓањето. Истражувањата покажуваат дека распространетоста е од еден до два случаи на аутизам на 1000 луѓе. Бројот на регистрирани деца со аутизам драматично е зголемен од 1980 година, најверојатно порани напредните можности за дијагноза. Оваа болест не се дијагностицира пред третата година на детето, бидејќи клиничката слика се развива преку созревање на централниот нервен систем. Но, особено е важно препознавањето на раните знаци кај децата од кои може да се препознаат ризични деца и да се процени нивниот развој. По овие знаци се изработуваат рехабилитациски третмани кои низ мобилни услуги може да се спроведуваат дома, а кои ги учат родителите. Научно е докажано дека преку рана интервенција значајно може да се подобри животот на овие личности. Во современата пракса се нагласува важноста на препознавање на рани знаци на аутизмот и вклучувањето на децата во рана интервенција, дури и пред да ја наврши првата година од животот.
OhridNews