Со нов концепт и рекорден број на учесници по трет пат низ улиците во нашиот град ќе се одржи спортската манифестација Охрид трчаТ. Вкупно 1 585 учесници од 20 земји на трките на 5 и 10 километри и тим билдинг трките ќе се појават на стартот на 2 јуни кој ќе биде круна на богатиот спортски викенд кој не очекува. „Ohrid running weekend“, почнува денеска со Ноќната трка, а продолжува в сабота на 1 јуни со експото и панел дискусијата.

  • Третото издание на Охрид трчаТ е со нов концепт и поразличен од првите две изданија. Ова трето издание ќе се одвива целиот викенд. Започнуваме денеска со Ноќната трка која ќе се стартува кај фитнес зоната пред угостителскиот објект Амброзија, а ќе заврши пред Домот на културата Григор Прличев со настап на охридските изведувачи. В сабота на програмата е експото односно подигнувањето на пакетите кога учесниците ќе бидат запознаени со трката и правилата, а во текот на денот ќе се одржи панел дискусија на која ќе учествуваат директорите на трките од Дубровник, Мостар, Скопје и Бања Лука и специјалистот за спортски маркетинг од Белград Верољуб Змијанац. В недела е главниот настан. Почетокот на трката на 10 километри е во 9 часот, а трката на 5 километри ќе стартува 10 минути подоцна. После завршување на трките на 5 и 10 километри ќе има забава која ќе започне во 11 часот. Кога ќе се сумира се можеме да кажеме дека не очекува возбудлив и богат спортски викенд. – рече претседателот на Атлетскиот клуб Охрид трчаТ, Јоне Станкоски кој е организиратор на манифестацијата.

Тој и се заблагодари на Општина Охрид која во континуитет три години го поддржува и е еден од главните покровители на Атлетската манифестација Охрид трчаТ. Исто така им се заблагодари на Јавните претпријатија и државните инстуции и сограѓаните кои несебично го поддржуват настанот број еден во Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески ќе ја предводи тим билдинг екипата од Општина Охрид. Тој го доби стартниот број со реден број седум и го пофали настанот кој сите со нетрпение го очекуваат.

  • Особено ме радува фактот што спортската манифестација „Охрид Трчат” за краток период прерасна во своевиден спортски бренд и го постави Охрид на мапата на врвни спортски настани, не само во нашата земја, туку и пошироко. Заложбите на организаторите и креативниот тим, кои стојат зад идејата и концептот на целокупната маратонска програма, ги препозна и несебично ги поддржа Општина Охрид како и бројни компании и фирми. Бројката од над 1500 пријавени учесници, кои викендов ќе трчаат на отворено по дефинираните тркачки траси низ Охрид, даваат јасен сигнал дека целта е постигната и дека третото издание на „Охрид Трчат” ќе биде еден вистински спортски спектакл. Убеден сум дека овогодинешното издание на охридскиот атлетскиот викенд ќе донесе исклучително спортско уживање за сите учесници и дека ќе биде вистинско спортско доживување за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката. Пораката за поголема афирмација и промоција на трчањето и здравите спортски навики, кои се главна цел на „Охрид Трчат” и оваа година ќе биде испратена. Се надевам дека оваа спортска манифестација ќе стане дел од една нова спортска традиција, по која Охрид ќе биде препознатлив на полето на спортот и дека истата ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам. – потенцираше Георгиески.

Директорот на трката, Иван Цветкоски истакна дека чест е но и одговорност  е да се организира настан каков што е Охрид трчаТ. Годинава како и во претходните Охрид трчаТ расте, со предизвикот го прави уште поголем.

  • Чест но и голема одговорност ни преставува да го организираме Охрид трчаТ така како што сакаме и така како што имаме визија од самиот почеток. Наш предизвик беше да го вклучиме градот помеѓу познатите улични трки и можам да кажам дека сме на правиот пат. Нашиот проект е спортско-туристички од кој бенефит ќе има целиот град. Од обичниот граѓанин кој ќе се чуствува пријатно и исполнето до угостителските објекти и институциите.  – рече Цветкоски.

Цветкоски дополни дека годинава не е срушен само рекордот за пријавени учесници, туки и за пријавени волонтери кои ќе бидат распределени на стартот и финишот и околу целата патека. Зголемен е бројот на медицински екипи, луѓе во организацијата и секако надлежните кои се задолжени за безбедноста и здравјето на учесниците.

Околу техничкиот дел на патеката зборуваше преставникот од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“, Антонио Додевски кој побара разбирање од жителите во целиот град при запирањето на сообраќајот во пресрет на главниот настан.

  • Од самиот почеток на реализирање на оваа идеја основа ни беше да воведеме нови стандарди во организирање на вакви настани особено во техничкиот дел и безбедноста на учесниците. Вложуваме многу напори да направиме фантастичен настан, а за тоа ни е потребна помош од граѓаните на Охрид без кои едноставно не можеме. Изминатиов период апелираме на секаков начин да се тргнат автомобилите каде што поминува патеката и да се почитуваат молбите да не се движат со автомобили в недела со што многу ќе ни помогнат во организацијата. Убедени сме дека ќе успееме сите заедно нивото да го подигнеме уште едно скалило и за Охрид трчаТ да се зборува и прераскажува. – потенцираше Додевски.

В недела главниот настан ќе биде пренесуван во живо и ќе има отворено студио од кое ќе бидат дел минатогодишните победници, учесници на трката и преставници од организацијата.

Мх.П.