Транспортот на стоки е неопходен за нормално функционирање на стопанството, затоа сите учесници во синџирот на достава на стоки до крајниот корисник мора да ги запазат сите препораки и да водат грижа за личната и колективна одговорност, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на денешната прес конференција што ја одржа заедно со директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски.

  • Во однос на дозволите за влез и излез во државата дефиниравме правила и се усогласивме со министерството за внатрешни работи, државниот здравствен инспекторат и Царинската управа. Постапката за влез и излез е следна, секоја компанија е потребно да поседува дозвола за влез во земјата што се однесува на професионални возачи на товарни возила и оние кои се придржувале на посебниот здравствен режим, донесен од државниот здравствен и санитарен инспекторат, нагласи Сугарески.

Поради големиот број барања за дозволи, надлежните во неможност сите да ги изготват на време, одлучено е излез од државата да се прави само врз основ на базата на податоци што ја поседува министерството за транспорт и врски и да се поседува сертификат.

  • Морам да потенцирам дека ваквата процедура ќе важи до утре. Од утре секој транспортер што ќе врши транспорт на стока надвор од границите на државата ќе мора да ја извади дозволата од државниот санитарен и здравствен инспекторат, рече министерот. Сугарески нагласи дозволите да се вадат преку асоцијациите на транспортери.

Сугарески повтори дека за јавниот и меѓуопштинскиот превоз на патници донесена е одлука тој да се одвива со двојно помал капацитет, односно да има 2 метра растојание меѓу патниците. На новинарско прашање, пак, дали ќе има и забрана за превоз на луѓе меѓу градови и села, по примерот на други земји, Сугарески најави дека доколку е потребно и тоа дополнително ќе биде донесено како мерка.

Царинските службеници даваат максимална поддршка за непречено спроведување на царинските постапки во новонастанатата состојба, рече директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски. Царинската управа заедно со министерството за транспорт и врски се грижи за непречено извршување на транспортот, транзитот и движење на стоките при увоз и извоз, изјави директорот на Царинска управа. Најави дека Владата ќе донесе одлука за автономни мерки за ослободување од плаќање на царина на суровини за медицински цели.

Од плаќање на царина ќе бидат ослободени средствата за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, очила и друга заштитна опрема, рече директорот на денешната прес-конференција. Ќе има олеснување на царинската процедура и за снабдувањето на етилалкохол.