Министерството за транспорт и врски го обвини градоначалникот на Охрид дека шири невистини и страв наместо да се зафати со решавање на проблемите кои се во негова надлежност, меѓу кои е и Колекторскиот систем, за кој на прес конференција вчера охридската локална самоуправа и меѓуопштинското јавно претпријатије „Проаква“ предупредија дека е пред целосен колапс.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека изградбата и одржувањето на комуналната инфраструктура е надлежност на локалната самоуправа, односно на претпријатието „Проаква“, стои во реакцијата на ресорното Министерство.

Од Министерството потсетуват дека Владата формираше координативно тело кое, како што се наведува во соопштението, во изминматиот период ги презеде сите потребни мерки за превенција и заштита од покачените водостои, меѓу кои  беше извршена и заштита на цевководот на колекторскиот систем и покрај тоа што истото претставува надлежност на општина Охрид.

Градоначалникот на Охрид и претставниците на МЈП „Проаква“ вчера предупредија дека Охридското Езеро е пред еколошка катастрофа поради преоптовареност на колекторскиот систем кој не е во можност да ги опфати надојдените води, поради што доаѓа до излевање на фекални води директно во езерото и реката Црн Дрим.

– Повеќе од 750 литри во секунда отпадни води од канализација во моментов се влеваат во Охридското Езеро, а уште 550 литри во секунда непречистени води во реката Црн Дрим. Оваа еколошка закана е последица на зголемениот испуст на вода од Охридското Езеро во реката Дрим кај Струга, што доведува до прелевање на испустните цевки на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, кои на одредени локации се наоѓаат на метар и половина под водостојот на Дрим.-беше речено на прес конференцијата.

Надлежните од општините Охрид и Струга истакнаа дека за проблемот со Колекторот со години ја информираат централната власт, која како што беше речено, ги игнорира предупредувањата. Беше посочено и дека за изградба и одржување на колекторскиот систем општина Охрид инвестирала над 8 милиони евра, наспроти државата која за таа намена издвоила скромни 50000 евра, иако Охридското Езеро е национално богатство заштитено со закон и централната власт треба да се грижи за неговата заштита исто како што тоа го прави со Дојранското и Преспанското Езеро.

По вчерашната реакција на охридската локална самопуправа и “Проаква“, Министерството за транспорт и врски најави дека во наредниот период ќе организира средба со цел да бидат разгледени проблемите со колекторскиот систем.

OhridNews