Од Министерството за транспорт и врски објаснуваат дека внатрешната пловидба на Република Македонија е регулирана согласно законодавството на Европската Унија, каде постои листа на реномирани организации кои се овластени да вршат технички преглед и сертифицирање на пловните објекти.
– Министерството за транспорт и врски се обрати до организациите на листата со покана за склучување на договор со кој би се овластиле да вршат технички преглед на пловните објекти во внатрешната пловидба во Република Македонија. Меѓународната групација „Биро Веритас“, која е признато друштво за прегледи на пловни објекти за внатрешна пловидба во согласност со Директивата на ЕУ, беше единствената организација која пројави интерес и со оваа групација, Министерството за транспорт и врски потпиша договор со кој се овластува да врши инспекции и прегледи на пловни објекти кои пловат под македонско знаме во внатрешните водни патишта.-се наведува во информацијата на Министерството за транспорт и врски.
Оттаму додаваат дека стандардите согласно кои работи меѓународната групација „Биро Веритас“, како и надоместоците за нивната работа се пропишани со меѓународни правилници од Меѓународната асоцијација за класификација на стандарди, како и согласно Европската Директива и тие важат во сите земји подеднакво како и кај нас.
– За Министерството за транспорт и врски приоритетна е безбедноста на патниците на пловните објекти во внатрешната пловидба во Република Македонија и оттука надлежните органи ќе ги преземаат сите законски мерки за спроведување на меѓународно пропишаните технички стандарди. Сите сопственици на пловни објекти кои нема да ги почитуваат и имплементираат неопходните стандарди со кои се овозможува безбеден сообраќај во внатрешната пловидба ќе бидат санкционирани со глоби кои се пропишани во Законот.-предупредуваат од Министерството за транспорт и врски.
„Биро Веритас“ е меѓународна групација која е специјализирана во областа на инспектирање, анализа и сертифицирање на производи и инфраструктурни објекти. Групацијата е формирана е во 1828 во Белгија, а до сега е присутна во 140 држави преку мрежа од 900 филијали, со повеќе од 39.000 вработени и 370.000 клиенти.